Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за вработување за справување со новите предизвици на јавните служби за вработување и генералните цели за раст на вработеноста во Европа, но за да може да одговори на барањата поврзани со пристапувањето на земјата во ЕУ во делот на европската политика за вработување, имаше за цел проектот кој e финансиран од ЕУ и се спроведуваше во изминатите дваесетина месеци.
Фокусот на активностите беше насочен кон подобрување на квалитетот, ефикасноста и ефективноста на услугите кои се обезбедуваат за лицата кои бараат работа и работодавачите од страна на Агенцијата за вработување, а со цел да се намали невработеноста.
– Овој проект придонесе за модернизација и институционален развој на Агенцијата, а со тоа и зајакнување на капацитетите на вработените во Агенцијата, со цел поголема подготвеност на Агенцијата за вработување во исполнување на целите од Европската стратегија за вработување. И овој проект, како и претходните, придонесе за модернизација, прилагодување на промените и справување со предизивиците на пазарот на трудот, организација и квалификација на структурите, зајакнување на раководството и човечките ресурси.
Активностите во рамките на проектот придонесоа за подобрување на квалитетот, ефикасноста и ефективноста на услугите кои им ги обезбедува Агенцијата на невработените лица и работодавачите, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов обраќајќи се на денешната манифестација по повод завршувањето на проектот.
Додаде дека начинот на организирање и функционирање, посветеноста и капацитетите на вработените во Агенцијата и нивната подготвеност да одговорат на промените и предизвиците, соработката со Министерството за труд и социјална политика, како и со останатите органи и институции, се многу значајни аспекти од кои зависи квалитетот на услугите што се обезбедуваат за невработените лица и работодавачите.
Приоритети на политиките на пазарот на трудот, согласно со Националната стратегија за вработување 2015 година, се создавање услови за зголемување на учеството и отворање нови работни места, меѓу другото, и преку ефикасни јавни служби на пазарот на трудот.
– Во изминативе години, особено е значајна улогата на Агенцијата во имплементацијата на активните програми за вработување и давањето услуги за невработените лица и работодавачите. Досегашното искуство покажа дека планираните програми и мерки целосно се реализираат, со што се влијае на вработувањето, зголемувањето на можностите за вработување на невработените лица, поттикнувањето на вработувањето, подобрувањето на знаењата и вештините на невработените лица и слично, истакна министерот Спасов.
Проектот „Понатамошна модернизација на Агенцијата за вработување“ е финансиран од Европската унија во рамките на Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013 (ИПА компонента IV). Вредноста на проектот е 1.375.500 евра.