Во македонското древно светилиште Бигорскиот манастир и неговиот метох „Свети Георгиј Победоносец “ во дебарското село Рајчица, заврши деветтиот и последен летен камп во веронаука.
Последни манастирски гости беа триесеттина деца од Скопје и Битола.
– Уште еднаш имавме можност да видиме на дело една прекрасна преобразба на детските души. Бидејќи детските души се како најчисти, најнежни цветови и огреани од светлината на Христовата љубов, напоени со „водата која тече во вечен живот“, на живоносното Христово слово, тие се преобразија во прекрасни миризливи и раскошни кринови, кои блескаат и насекаде сведочат со чистото белило на Христовата вера, љубов и надеж, велат сестрите од раичкиот манастир.
Овие наши последни гости од Скопје и Битола, додаваат сестрите, оставајќи засекогаш трага во нашите души, ни ги оставија и своите впечатоци од неколкуте дена што ги поминаа во нашите две светилишта.
Во нив децата посебна благодарност искажуваат за игуменот на Бигорскиот манастир,Анхимндрит Партениј, кој со несебична грижа и безусловна љубов ги прими овие деца во манастирските прегратки.
Инаку, во рамки на деветте летни кампови во двата манастира престојуваа над 350 деца од повеќе градови од државава. Тие се запознаваа со највозвишената наука за Бога, знаењето за љубовта, верата, надежта, радоста, а учествуваа и во практични манастирски задолженија.