Во Апелацискиот суд во Скопје се одржува одложената седница за жалбата на осудената ексминистерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во предметот „Тенк“, во кој процес, Јанкулоска беше осудена на затворска казна од 6 години.
Судијката известител, Тања Милева повеќе од 1,5 час читаше делови од пресудата на Добрила Кацарска. Двајцата адвокати и Јанкулоска по паузата од половина час ќе ги образложат жалбите со кои бараат пресудата да се укине, а предметот да се врати во првостепениот суд на повторно судење.
Според пресудата на скопска „единица“ за предметот „Тенк“, експремиерот Никола Груевски нарачал луксузен „мерцедес“, Јанкуловска го поттикнала тогашниот помошник-министер Ѓоко Поповски да испланира јавна набавка на која ќе се јави договорениот понудувач „Мак Аутостар“.
Доколку судот ѝ ја потврди казната, според Законот за извршување санкции, Јанкулоска може да бара одлагање на извршувањето поради мајчинството бидејќи нејзиното дете сè уште нема наполнето една година.
За истиот случај осудениот Никола Груевски доби 2 години ефективна казна затвор. Апелација му ја одби жалбата и му ја потврди казната. Осуден останува и помошник-министерот Ѓоко Поповски, на кого наместо 6,6 години затвор, апелација му изрече 4,6-годишна затворска казна.
Васко Маглешов