Затвореници кои исконтактираа со А1он, најавуваат генерален штрајк во сите затвори доколку се случи амнестија за некој од поранешните или сегашни политичари и функционери. Тие велат дека не може поголеми криминалци од нив да шетаат слободно и постојано да се амнестираат помеѓу себе, а други за пушење марихуана или украдени ќебапи и ајвар да лежат со години во затвор.
Затворениците се жалат и дека веќе дадената амнестија за околу 800 затвореници не се применила на нив поради тоа што дел од нив немале упатен акт или биле во екстрадициони затвори, иако правосилна пресуда имало ва законски предвидениот рок за амнестија. Поради тоа, наместо власта да мисли на политичарите од опозицијата, бараат да се исправи правдата и да се донесе вонредна амнестија за сите затвореници кои имале правосилна пресуда пред 2017 година, а не се амнестирани.
-Ние сме затворениците кои се уште не сме амнестирани, а ни следува амнестија. Некои од нас се осудени без докази и одлежуваме казни во најлоши услови, без греење, без никакво право на ништо, а спречено ни е и правото за лекување, се жалат затворениците.
– Доколку владата на СДСМ ги амнестира или помилува вистинските криминалци на ВМРО-ДПМНЕ сите затвореници од сите затвори ќе бараат по итна постапка за амнестија или помилување затоа што од власта на ВМРО-ДПМНЕ сите сме осудени со највисоки казни без докази. Доколку не ни се даде и нам истото како и на ВМРО-ДПМНЕ сите затвореници од сите затвори ќе штрајкуваат и нема повеќе да ја поддржиме партијата предводена од Зоран Заев, велат тие.
Овде нема греење, виршлите што ни ги даваат не ги јадат ниту мачките, четири месеци не ме пуштаат да се оперирам иако сакам на приватно да одам. Овде има и деца кои пушеле марихуана во својата кола, ги фатила полиција и добиле 4 години затвор. Зошто апсат некој сака да пуши марихуана, а вистинските криминалци уште седат во Собранието, коментира еден од затворениците за А1он.
Тие велат дека чекаат да видат и ако нема амнестија, дали ќе им бидат сменети обвиненијата на обвинетите политичари и функционери за кои сега се водат постапки и дали и на тој начин по изгласувањето на уставните измени ќе има обид за нивно помилување односно избегнување на казната?
Со Законот за амнестија кој беше донесен на 15 јануари годинава, целосно ослободување од затвор добија околу 815 лица со правосилна пресуда, додека намалувањето на казната за 30 проценти опфати над три илјади осуденици. Законот не предвидуваше амнестија за сторителите на убиство, кривични дела за силување, избори и кривични дела против државата.
Амнестијата се однесуваше на лица кои делата предвидени со неа ги сториле до 20 септември, 2017 година.