Приврзаниците на Јован Вранишковски тврдат дека судскиот процес против него веќе застаре, судот пак негира и тврди дека Апелациониот суд ја донел пресудата во предвидениот рок, пред да поминат десет години откако е поднесено обвинението.
Од Апелацискиот суд во Скопје и од Основниот суд во Велес велат дека јавната седница во второстепениот суд се оддржала пред случајот да застари и пресудата е веќе донесена и се работи на нејзино пишување па затоа странките се уште не ја добиле.
Но приврзаниците на Вранишковски, со соопштение денеска велат дека според важечките закони на Македонија, делото за коешто е обвинет веќе е целосно застарено, бидејќи се изминати десетте години од последната дата опфатена во обвинението.
Тие констатираат дека е „сосема јасно дека под плаштот на „независното судство”, се спроведува државен терор врз верска основа против Архиепископот г.г. Јован и останатите Епископи“.
Тие пишуваат дека „посочениот однос на корумпираното и подложно на политички притисоци судство, резултира со негативни известувања на релевантни меѓународни институции во однос на газењето на верските слободи во Македонија, и неговата реформа се наметнува како услов за интегрирање на нашата земја во цивилизациските демократски текови“.