Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој повеќе од два месеци е во опозиција, успесите кои и се случуваат на Република Македонија по заминувањето на неговата партија од власт и натаму си ги препишува себе си.
Тој на својот Фејсбук профил напиша дека Суперкупот се одржува во Скопје благодарение на лобирањето на Владата која тој ја предводел и единствено Владата на ВМРО-ДПМНЕ е заслужна за тоа што денеска Суперкупот се игра во главниот град на Македонија, заборавајќи дека е потребно многу повеќе од апликација, лобирање и убедување за одржување на ваков настан од светски рамки.
– Скопје е домаќин на врвен спортски настан, фудбалскиот Суперкуп со кој Македонија е на светската спортска карта. Според правилата на УЕФА, Владата која ја предводев заедно со ФФМ официјално поднесовме кандидатура, заедно лобиравме и убедувавме, заедно ветивме дека ќе се исполнат сите услови и заедно ги исполнивме, напиша Груевски.
Оваа изјава е продолжение на оние прошетки на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ низ автопатиштата во изградба откако се знаеше дека заминува од премиерската функција и претставува очајнички обид да остане на површина и да не потоне на медиумското дно, барем до локалните избори на 15 октомври.
Во Фејсбук статусот, Груевски го наведува новиот аеродром, спомениците и патиштата како негова оставштина за македонскиот народ, но без да ги наведе финансиските средства кои се издвоени, како и сомнителните тендери за истите. Исто така, тој ја набедува сегашната власт дека неосновано и со измислени проблеми ги стопира проектите започнати од минатата Влада со што, како што вели, си даваат важност дека и тие нешто сработиле.
Поранешниот премиер вели дека е спремен на јавна опклада дека СДСМ нема да го исполни ветеното, конкретно за изградба на нов Клинички центар за кој сегашната власт вети дека ќе биде изграден, но на друга локација.
– Клиничкиот центар кои нашите опоненти никогаш нема да го изградат на другата локација која ја најавија за што сум подготвен за јавна опклада за било кој, или пак запирањето на градба на двата автопата со измислени проблеми за си дадат важност дека ете и тие нешто решиле и сработиле, а всушност ќе решат работи кои секогаш се решаваат во од, додека тече градбата, без застој, без јавноста да се заморува со таквите секојдневни решливи прашања за било која нормална влада, вели Груевски.
Виктор Јованов