Во просториите на Центарот за иновации на Македонски Телеком во Скопје денеска ќе почне глобалниот хакатон НАСА Спејс Аппс Челинџ 2015 (NASA Space Apps Challenge) на кој учесниците ќе имаат можност во период 48 часа да работат на предизвици поставени од НАСА.
Настанот од денеска до 11 април се реализира на 135 локации во светот, а поради освојувањето на второто место на минатогодишниот натпревар на тимот од Македонија, Скопје е координатор на 10 локации и тоа Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Загреб, Белград, Приштина, Тирана, Виена и Љубљана. Победничкиот тим од овие 10 локации ќе добие две бесплатни карти за учество на Pioneers Festival 2015, што се одржува во Виена.
Интернационалниот настан NASA Space Apps Challenge е дводневен хакатон на кој тимови низ целиот свет, соработуваат и се поврзуваат со јавно достапни информации со цел да дизајнираат иновативни решенија за глобални предизвици. Младите иноватори ќе имаат временски период од 48 часа непрекинато да работат на предизвикот поставен од НАСА, а воедно ќе имаат можност да соработуваат со искусни ментори од техничките и природно-научните факултети. Во работата ќе им помагаат и претставници на компаниите и од ИТ индустријата.
На отворањето на настанот ќе се обрати заменик министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска.