Вкупно 7.126.810 денари е проценетата штета од поплавите, кои во август годинава ја зафатија и скопската општина Ѓорче Петров.
Ова се резултатите на Комисијата за увид и проценка на штети од поплавите од општината Ѓорче Петров, кои излегле на терен од 10 до 15 август годинава. Комисијата извршила увид и изготвила записници по сите пријави за штети од граѓани доставени до архивата, заклучно со 15 август 2016 година.
– Излезено е на увид по 207 пријави: Ѓорче Петров 61 пријава, Даме Груев 71, Хром 15, Волково 43 и Кисела Јабука 11, Стопански Двор пет и Ново Село една пријава. Изготвени се исто толку записници поткрепени со фотографии, информира општина Ѓорче Петров.
Штети од категорија А или најтешко погодени семејства се 33, средно погодени семејства 82, од категорија Ц или полесно погодени семејства 18, без категорија или некатегоризирани по разни основи се 74 семејства.
Сите материјали од увидот се предадени во архивата на Владата на понатамошно одлучување.