Заменикот-министер за одбрана на Република Македонија, Беким Максути, денеска во Домот на АРМ се обрати на Денот за високи гости на вежбата „Сеопфатен одговор – Водно 2018“, која е во организација на Министерството и Инжинерискиот корпус на Армијата на САД. На Денот за високи гости присуствуваа и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерлот Стивен Креј, како и директорите на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, и Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски.
Вежбата „Сеопфатен одговор – Водно 2018“ претставува национална командно-штабна вежба од областа на управувањето со кризи, која се реализира во периодот од 17-21.09.2018 година. Целта на вежбата е подобрување и зголемување на националните капацитети и интер-институционалната соработка при справувањето од природни или од човек предизвикани катастрофи.
Заменикот министер Максути пред присутните истакна дека предизвиците и ризиците сè повеќе се од општествена, мигрантска, технолошка, сајбер или климатска природа, што зборува дека отпорноста на државите мора да се гради со меѓу-институционална соработка.
„Поединец, организација, институција самостојно е тешко речиси невозможно сама да се справи со вонредности па и со помал обем. Денес сме сведоци на разулавени тајфуни од далечниот исток до урагани на запад кои одземаат животи и предизвикуваат големи материјални штети но и се повеќе сме свесни за потребата од навремено известување, брза и навремена комуникација, организација, градење на способности и капацитети и подготвеност за справување со разни вонредни ситуации и предизвици“, рече Максути.
Максути порача дека токму оваа вежба е доказ дека НАТО е повеќе од воен сојуз кој помага и дава поддршка во исклучително тешки моменти како што беа поплавите во Липковско во 2015 и Скопско во 2016 година. Заменикот-министер истакна дека внатрешните реформи, но и процесот на евроатлантска интеграција која е во врвот на приоритетите на Владата на Република Македонија ќе придонесе кон зајакнување на капацитетите и способностите за справување со итни состојби.
„Стратегискиот одбранбен преглед, односно неговата имплементација ќе создаде можност за постојан напредок на ефективноста и ефикасноста на внатрешните работни процеси во Министерството за одбрана и ќе се унапредат постојните и изградат нови способности и капацитети на Армијата“, посочи заменикот – министер.
Максути се осврна и на добрососедската политика која ја спроведува Македонија, која овозможува подобра соработка при одговор во итни случаи, и тоа не само со соседите, туку и пошироко.
„Еден таков пример на искрена соработка е онаа со Канцеларијата за одбранбена соработка на САД преку која бројни кадри се обучија и ќе се обучуваат за цивилно вонредно планирање и кризен менаџмент“, заклучи заменикот – министер.