А1он од дипломатски извори дознава дека Законот за лустрација наскоро ќе биде повлечен поради негативните оценки во извештајот на Венецијанската комисија.
Во текот на вчерашниот ден за ова се информирани и Брисел и Советот на Европа како и Европскиот парламент.
Дознаваме дека после овој извештај од ноември, за кој Владата и македонскиот парламент веќе се информирани се доведува во прашање целиот досегаше процес на лустрацијата но и легитимитетот на Комисијата за лустрација.
Дознаваме, дека најмногу забелешки има во решенијата на законот но и во имплементацијата на одредбите и кршењето на презумцијата на невиност.
Според информациите, претседателот на Комисијата, Томе Аџиев тешко дека ќе го продожи процесот до донесување на нов закон. Нашите извори велат дека Аџиев, најверојатно нема да биде во новиот состав на Комисијата.
Информациите на А1он се совпаѓат со изјавата на комесарот за човекови права кој изјави дека со нетрпение го чека овој извештај.
„Мислам дека е предоцна донесен закон за лустрацијата. Во другите посткомунистички земји тоа беше во деведесетите години со цел да се заштити демократијата од евентуалните закани од старите режими. Во другите земји со законите за лустрација беше опфатен периодот до деведесетите години, додека во Македонија се оди до пред неколку години, што може да се искористи повеќе за политички борби отколку за заштита на демократијата“, рече комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс.