Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека Законот за јазици нема да се ревидира и оти препораките на Венецијанската комисија се однесуваат на недостигот на капацитети во институциите за негова целосна имплементација.
– Основната идеја на препораките на Венецијанската комисија е недостатигот од капацитети во институциите за целосна имплементација на сите одредби на Законот да не влијае врз другите процеси, на пример во судството, да не влијае во одложување на судските процеси, некој да го злоупотреби Законот за одложување на судски процеси итн, рече Османи.
Според него, не смее да се дозволи Законот за јазици да ризикува некој друг важен процес во државата, особено правната држава.
– И затоа одлуката е дека Законот нема да се ревидира, нема таква препорака од Европската комисија, туку преку акциски планови, преку работните групи треба во оваа транзиторна фаза додека законот не влегува во сила, а тоа е една година после негово донесување, да се подготват овие капацитети со цел да нема влијание врз другите процеси, рече Османи.
Посочи дека ќе продолжи работата во создавање капацитети, но оти изборниот процес ќе предизвика ограничување во тој процес.
– Меѓутоа, очекуваме разбирање од сите дека сепак ова е револуција во употребата на јазикот во институциите, и затоа барам разбирање од сите се додека не се создадат сите капацитети за да се имплементира. Кога ќе почне неговото целосно имплементирање, сите ќе видиме дека всушност само придонело до зближување меѓу луѓето и до зближување до заедниците, оцени вицепремиерот.
Венецијанската комисија на 6. овој месец ги повик властите во земјава да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Таа оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостаток на превод и толкување во текот на постапката.
Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.
Комисијата забележува дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците. Таа даде неколку препораки до властите, особено за напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки. Исто така, препорачува обврската да се користи албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници, да се ограничи на писмените службени комуникации или да биде одложено додека не стане реално соодветното спроведување на таа одредба.