ВМРО-ДПМНЕ го достави Законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили и на нивните семејства.
Законот е веќе објавен на сајтот на Собранието, и како што се гледа останува многу мегдан и простор и отворени прашања, бидејќи се предлага како закон во прва фаза. Бидејќи експертите коментираат , дека доколку се сакаше да се зтворат сите дилеми и има цврста решеност за вакво решение, тоа можеше да се реши со скратена постапка.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи вчера соопшти дека тие подготвуваат амандмани, со кои сите права кои се предвидени за безбедносните сили да важат и за поранешната ОНА. Во спротивно рече, сите сценарија се можни.
Дознаваме силен е внатрешниот притисок и незадоволство во ДУИ, а ДПА вчера јасно соопшти дека зстанува заедно со ДУИ против Законот, кој го оценија за лош.
ВМРО-ДПМНЕ со закон предвидува на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства да им се утврдуваат следниве посебни права: ослободување од учество со лични средства при користење на здравствени услуги; вработување; станбено згрижување; права од областа на образованието; еднократен паричен надоместок; работен стаж во двојно траење; семејна пензија; најниска пензија; сместување во старечки домови, одбележување на местата каде што загинале припадниците на безбедносните сили и одликувања.
Припадникот на безбедносните сили е ослободен од учество со лични средства при користење на здравствени услуги во примарната заштита.
Членовите на семејствата на загинатите и починати припадници на безбедносните сили се ослободени од учество со лични средства при користење на здравствени услуги во примарната и специјалистичко-консултативна здравствена заштита.
Владата на Република Македонија и единиците на локалната самоуправа се должни да обезбедат вработување без јавен оглас во државните органи, јавните претпријатија и јавните установи, на еден невработен член на семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили доколку ги исполнува општите законски услови и условите предвидени за вработување на соодветното работно место.
Право на станбено згрижување имаат воените инвалиди од I до VII група (100% до 50%) воен инвалидитет и членовите на семејството кои живееле во заедничко домаќинство со загинат или починат припадник на безбедносните сили и кои на територијата на Република Македонија немаат во сопственост стан или куќа, ниту користат под закуп стан во сопственост на Република Македонија
Правото на станбено згрижување се остварува со станбен кредит во времетраење од 20 години за купување на стан или куќа, односно изградба на стан или куќа, за разликата во површина, за надградба, продолжување со изградба и довршување на семејна куќа.
Во остварувањето на правото од став 1 на овој член, Република Македонија учествува со 50% од одобрениот станбен кредит како и со 50% од висината на договорната камата за одобрениот кредит.
Децата на загинат или починат припадник на безбедносните сили и децата на воен инвалид од I до VII група воен инвалидитет, имаат предност при запишување во државни средни училишта, под услов да исполнат минимум бодови утврдени со Конкурсот за упис.
Припадникот на безбедносните сили, децата на загинат или починат припадник на безбедносните сили и децата на воен инвалид од став 1 на овој член, имаат предност при запишување во високо образовни установи без плаќање на партиципација, под услов да исполнат минимум бодови утврдени со Конкурсот за упис.
Децата на загинат или починат припадник на безбедносните сили и децата на воен инвалид од член 22 на овој закон, имаат право на стипендија за редовно школување во државните средни училишта и право на стипендија за редовно студирање на високо образовни установи.
Семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили има право на еднократен паричен надоместок за претрпени душевни болки поради смрт на блиско лице, во висина од 50 просечни плати остварени во Република Македонија во месецот кога настапила смртта на припадникот на безбедносните сили.
Воен инвалид има право на еднократен паричен надоместок.
Висината на еднократниот паричен надомест се одредува пропорционално според утврдениот процент на воен инвалидитет и просечната плата остварена во Република Македонија во месецот кога настанал воениот инвалидитет, како што следи:
100% воен инвалидитет………………………………………………150 плати
90% воен инвалидитет…………………………………………………135 плати
80% воен инвалидитет…………………………………………………120 плати
70% воен инвалидитет…………………………………………………105 плати
60% воен инвалидитет…………………………………………………90 плати
50% воен инвалидитет…………………………………………………75 плати
40% воен инвалидитет…………………………………………………60 плати
30% воен инвалидитет…………………………………………………45 плати
20% воен инвалидитет………………………………………………….30 плати
Припадниците на безбедносните сили кои биле вработени или работниот стаж им се пресметувал по друга основа, за периодот од 1 јануари 2000 година до 13 август 2001 година работниот стаж им се засметува со двојно траење.
Брачниот другар, децата и родителите на загинат или починат припадник на безбедносните сили од членот 2 на овој закон, членовите на семејството според членот 7 на овој закон, кога не се исполнети општите услови за право на семејна пензија, стекнуваат право на семејна пензија според овој закон, доколку ги исполнуваат посебните услови утврдени со прописите за пензиското и инвалидското осигурување.
Брачниот другар и родителите на загинат или починат припадник на безбедносните сили имаат предност при сместување во старечки домови со кои управува државата, без партиципација.
Владата на Република Македонија донесува програма и план за одбележување на местата каде што загинале припадници на безбедносните сили.
Владата на Република Македонија ќе му предложи на Собранието донесување на одлука за изградба на централен споменик на загинатите и починатите припадници на безбедносните сили во централното подрачје на град Скопје.
Припадниците на безбедносните сили, како и загинатите и починатите припадници на безбедносните сили, може да се одликуваат за одбрана на суверенитетот на Република Македонија во согласност со Законот за одликувањата и признанијата на Република Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ прецизираат и дека за загинат припадник на безбедносните сили се смета припадник на безбедносните сили кој загинал во вооружени дејствија против вооружените екстремистички паравоени групации.