Интензивната дебата за најавениот нов Закон за пушење дополнително го подели македонското општество како со нож. Страсните пушачи, угостителите, дел од бизнис претприемачите и тутунската индустрија се на страната на потенцијални жртви, а на другата страна се родителите на малолетни деца, непушачите, поборниците за здрави животни навики, министерството за здравство како предлагач кои ги бранат предлозите оценувајќи ги како европски стандард кои треба веднаш да се спроведе во македонски услови. Ако смеам да забележам, во критичката јавност има навистина искрено загрижени граѓани, но и една категорија на дежурни дефетисти, кои не пропуштаат да ги вовлекуваат и игрите на среќа во оваа дебата за законот за пушење, кои без соодветни аргументи и заради одредени исклучоци, целата индустрија на топтан ја ставаат на врвот на општествени штетници. Токму таквите се повод за оваа моја колумна.
Како претставник на Асоцијацијата за приредување игри на среќа – АПИС, сакам да потенцирам дека поддржуваме одржлива, разумна и долгорочна иницијатива за заштита на здравјето на граѓаните од штетните последици од пушењето , особено кога станува збор за заштита на младите и превентивна борба против зголемениот број на малолетни уживатели на електронски и обични цигари. Но, подеднакво важен е начинот на кој се носат и се спроведуваат законите. Ако ова го ставиме во контекст на индустријата на игрите на среќа, постојат јасни и поучни примери од соседството. Секое ригидно и популистичко решение, донесено без дијалог со засегнатите страни, секогаш доведувало до појава на „диви“ играчници по подруми и нелегални простории каде на црно се организираат игри на среќа, без никаква контрола од државата, без заштита на играчите и без приходи во буџетот. Таму каде што државата се служи со избрзано рестриктивни мерки, сивата економија наоѓа плодна почва. Не случајно, ако Кнежевството Монако важи за симбол на европски гламур, ред и високи стандарди, секој може да провери дека во неговите светски реномирани казина постојат јасно дефинирани, соодветно уредени пушачки зони во затворен простор. Не затоа што пушењето е пожелно, туку затоа што е контролирано, регулирано и ставено во рамка што го штити и здравјето и редот.
Кога веќе дел од критичката јавност упорно сака да прави паралела за регулирање на пушењето на јавни простори, со регулирањето на легалното приредување игри на среќа, треба да се земе предвид дека актуелниот закон за игри на среќа е еден од најстрогите на Балканот. Во автомат клубовите и казината не само што е забранет влез на малолетници со енормно строги казни, туку и членките на Асоцијацијата за приредување игри на среќа АПИС, кои се светски брендови во индустријата, самите, веќе со години водат активна кампања со слоганот „Забрането за малолетни лица – 100% законски!“ преку која се подигнува јавната свест и јасно се порачува дека младината воопшто не смее ни да помисли да се обиде да влезе и не е посакуван посетител на објектите за игри на среќа. Истовремено, членките на АПИС во поединечни или групни донаторски активности во изминатите години, во општествено одговорни проекти најмногу фокусирани на развој на здрава и спортска младина, финансираа повеќе од 300 милиони денари.
Освен тоа, за легалните објекти за игри на среќа, има многу прецизна регулатива каде и колку апарати за играње може да бидат поставени во одреден простор, сите апарати се нон-стоп приклучени софтверски на УЈП која точно ги евидентира сите финансиски трансакции, има строго дефинирани правила за начинот на кој се добива лиценца за работа која ја издава државата. Во казината и автомат клубовите има највисоки технички стандарди за вентилација, сите вработени поминуваат соодветни обуки за стекнување европски и светски критериуми за различни работни позиции. Впрочем, не е случајно што сите видови легални приредувачи на игри на среќа во Македонија се најголемиот приватен работодавец, со повеќе од 10 илјади вработени. Годишниот приход во државниот буџет од игрите на среќа е околу 280 милиони евра. Уверен сум дека изнесов доволно правни аргументи за сите оние кои сакаат да прават паралели меѓу игрите на среќа и другите економски дејности кои сега се таргетирани од новите предлози за законот за заштита од пушење, а кои по актуелните услови за обавување дејност не можат никако да се споредуваат приредувачите на игри на среќа. Со други зборови, во начинот на регулирање на легалното приредување игри на среќа, во Македонија одамна важат европски и светски стандарди.
Несомнено е, дека огромното мнозинство македонски граѓани посакува европски стандарди во сите сфери на општеството, без разлика дали станува збор за јавното здравство, образованието, културата, младинскиот спорт, социјалните прашања, сообраќајните правила, паркирањето и редица други важно егзистенцијални и секојдневни прашања. А, особено, кога станува збор за загадувањето на амбиенталниот воздух кое секоја зима е на дневен ред, без конкретни резултати од претходно најавувани ветувања за справување со овој горлив проблем.
Историјата и искуството покажуваат дека најдобар закон е оној кој се спроведува, а не оној кој уште од самата замисла е спротивен на менталитетот и навиките на нашите граѓани. Затоа, ако навистина сакаме здраво општество, мора да градиме паметни, балансирани и спроведливи решенија, а не да носиме закони кои генерално, по принципот на права линија, ќе опфаќаат различни дејности, без да се земат предвид одредени нивни специфичности.
Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС