Четириесет и еден нов волонтер од 20 – та група на Мировниот корпус во Македонија денеска, по 11- неделната обука во неколку градови во земјава, дадоа свечена заклетва пред американскиот амбасадор во Република Македонија, Џес Бејли, која директно беше пренесувана во САД.
Во подготвителната обука, волонтерите кои живееја во семејства-домаќини, интензивно го изучуваа македонскиот и албанскиот јазик и култура. Во следните неколку дена, волонтерите ќе се преселат во местата каде што ќе живеат и работат во наредните две години. Дел од нив, ќе работат во средни и основни училишта во рамки на програмата за унапредување на наставата по англиски јазик, додека дел од нив ќе бидат назначени да им помагаат на различни невладини организации и на локалната самоуправа во рамки на програмата за развој на заедниците.
Директорот на Мировниот корпус во Македонија, Кејтлин Кори во обраќањето до новите волонтери, меѓу другото, нагласи дека САД и Македонија имаат исклучително блиско пријателство. Таа информира дека од 1961 година откако е формиран Мировниот корпус од страна на претседателот Џон Ф.Кенеди, 217 илјади волонтери во 139 земји во светот ги исполнувале трите основни цели на организацијата: да им се помогне на земјите кои имаат потреба од стручни и искусни лица, да им се помогне на луѓето од светот да имаат подобро разбирање за американскиот народ и култура и Американците да добијат подобро разбирање за луѓето и културата на земјите во кои живеат и работат волонтерите. Според Кори, волонтерската работа во Мировниот корпус бара посветеност, хуманост, одлучност и авантуристички дух. Таа, која пред 40 години ја дала заклетвата за волонтер, нагласи дека да се биде волонтер во Мировниот корпус не е лесна задача и носи со себе многу предизвици.
Во обраќањето по повој повод, амбасадорот Бејли истакна дека 500 волонтери од Мировниот корпус, од 1996 година досега во Македонија работеле напорно, грижливо и компетентно.
– Кога волонтерите ќе дојдат овде, со себе носат специфични вештини во областа на образованието и развојот на заедницата, рече Бејли и додаде оти, сепак, најважна работа што ја носат со себе е желбата да изградат мостови на пријателство и разбирање меѓу луѓето од Македонија и САД.
Тој подвлече дека Американците цврсто веруваат дека нашите човечки капацитети можат да ги променат нештата на подобро, да изградат мостови на пријателства и покрај културните разлики. Им порача на новите волонтери дека во нивната работа ќе наидат на предизвици, а можеби и на фрустрации.
На заклетвата присуствуваше и се обрати и турскиот амбасадор во РМ, Омур Шолендил, на кого пред 40 години во Измир првиот наставник по англиски јазик му бил волонтер од Мировниот корпус. Тој упати голема благодарност до волонтерите од Мировниот корпус и им посака успех во работата.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов испрати поздравно писмо во кое наведува дека Мировниот корпус дополнува една важна димензија во стратегиското партнерство на САД и РМ. – Тоа е потребата од жива врска помеѓу нашите две општества и култури, Имајќи го тоа предвид, во 2011 година на 50-годишнината од формирањето го одликував Мировниот корпус со орден за заслуги за Македонија, како израз на нашата благодарност и исклучителната улога на американските државјани кои работат во оваа организација, вели Иванов.
Тој им честита на волонтерите за нивните дела, посветеност и личниот придонес во нашите заедници и изразува верување дека оваа нова генерација ќе продолжи да го развива пријателството и взаемното разбирање меѓу македонските и американските граѓани.