Загина жител на Велгошти кога со „томос“ удри во електричен столб. Како што информира охридската полиција, во 13.30 часот на крстосницата на улиците 7 ноември и Бекир Алириза во Охрид се случила сообраќајна несреќа по која во Општата болница во Охрид на повредите им подлегнал Т. Ш. (71) од селото Велгошти.
Тој, управувајќи мопед „томос спринтер“, без регистарски таблички, на критичното место изгубил контрола и удрил во дрвен електричен столб.
На местото на сообраќајната незгода увид извршија јавен обвинител и екипи на СВР Охрид поради што сообраќајот на улицата 7 ноември беше пренасочен по споредни улици.
По наредба на јавен обвинител, врз починатиот ќе биде извршена обдукција, а врз мопедот дополнително техничко вештачење, информираат од полицијата.