Партиските лидери и кандидатите за градоначалници на синоќешните митинзи упатија различни пораки до граѓаните, со цел да ја добијат нивната доверба на локалните избори на 15 октомври.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на митингот во Струмица најави отворање на посебна паралелна сообраќајна лента на Валандовско брдо, каде во иднина ќе има целосно двојно насочен сообраќај што градот директно ќе се поврзе со автопатот.
– Почнуваме со експресното решение на делницата Штип-Радовиш што ќе се надоврзе на новото решение Радовиш-Струмица. Директно го правиме брзиот пат од Струмица до бугарска граница, а работиме и на новата проектна документација за автопатско поврзување Струмица-Велјуса-Удово. Струмица ќе биде модерен град поврзан со светот со одлични перспективи, рече Заев.
Тој пред струмичани додаде дека завршува времето кога централната власт, како што рече, била маќеа за Струмица.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пак, на митингот на коалицијата „За подобра Македонија“ во општина Гази Баба истакна дека остануваат само уште неколку дена до моментот на одлучување од кој, како што кажа, ќе зависи по кој пат ќе тргне Македонија.
– Ние размислуваме 10 години однапред. Имаме соништа, имаме визија, имаме храброст, љубов и вера. Ја имаме новата ера. Тоа е нашата главна разлика и квалитет од другите. Ние ја нудиме новата ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, нова ера на двојно намалена невработеност кај младите и поголеми можности за стекнување со сопствен дом, рече Груевски.
Тој вети и 2,5 пати повисок приход по жител, повеќе пари во државата за капитални проекти, нови патишта, водоводи, болници, канализации, училишта, улици, паркови…
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети заедно со советниците од оваа партија и со носителот на советничката листа Аќиф Медиу одржаа повеќе средби со Кичевчани. Ахмети даде поддршка на кандидатот за градоначалник за општина Кичево од ДУИ, Фатмир Дехари.
– Дехари ќе ја има целосната подршка во рализацијата на ветената програма од сите структури на партијата и централната власт. Јас сум убеден дека ветеното ќе се исполни во интерес на граѓаните на општина Кичево, нагласи Ахмети.