Денеска сме призната држава во целиот свет. Остварени се стратегиските цели, државата и нејзините идентитет и јазик се признати во светот, економијата е подигната и во државата има пари за граѓаните, рече на вечерашната трибина во Прилеп претседателот на СДСМ Зоран Заев претставувајќи ги целите и заложбите на коалицијата „Можеме“.
Со тоа, како што рече, добивме сѐ за што се бореле нашите предци.
-Имаме свој територијален суверенитет и интегритет. Денеска сме земја членка на НАТО на која и се гарантирани безбедноста и стабилноста. Во оваа наша Република Северна Македонија живеат Македонци и зборуваат на македонски јазик, официјален и признат од целиот свет. И соседите постојано споменуваат македонски народ и македонски јазик, а неодамна во Грција е преведен нашиот Блаже Конески. Денеска добивме сѐ за што се бореле нашите предци. Но политичките опоненти продолжуваат со лажен патриотизам да негираат, па дури и Блаже Конески го нарекуваа „Џуџето од Небрегово“, рече Заев.
Според него, лажните патриоти ги „избркаа“ децата од државата, а „чукајќи се во градите„ за македонштината, притоа немајќи грам храброст да повлечат една одлука. А денеска се аспиранти за премиер и за власт во државата. Но тоа повеќе не поминува.
-Нашиот идентитет се зачувува и се гарантира со памет и со мудрост. Од соседите создадовме пријатели и стратегиски партнери. Деновиве ЕУ ја усвои и преговарачката рамка и во неа стои европското законодавство да се преведе на македонски јазик. Во Црна Гора напишаа на службениот јазик на државата, а за нас, на македонски јазик. А со години во извештаите за нас стоеше на службениот јазик на државата, на мнозинскиот. Тоа значи комплетно признавање, но и почеток на официјализирање на македонскиот јазик во службен јазик на Европската Унија заедно со другите службени јазици. Така се чува идентитетот. Имаме историски договори во кои добивме сѐ што посакувавме и ги отворивме сите перспективи за нас, порача Заев.
Пред прилепчани Заев рече дека не смееме да дозволиме некој да не враќа во изолација, во нови кавги и проблеми, во нови горчини. А со унапредувањето на земјата е подигната и економијата што е оној, вистинскиот патриотизам.
-Се јавуваат како исцелители со лажен патриотизам. Но, денеска вистински економски патриот е тој што ги крева платата, пензијата, што ги враќа парите кај народот. За две и пол години ја кренавме минималната плата за 60 отсто, од 9.000 на 14.500, а во наредните години до 20.000 денари. Битно е што е иницијална каписла за подигнување на просечната плата која за две и пол години ја подигнавме од 22.000 на 27.000 денари, следниот период до 34.000 денари. Следното покажување на ДДВ-повратокот ќе биде за 30 отсто. Досега на граѓаните им имаме вратено 10 милиона и 700 000 евра само за три квартали. Ама притоа, преку барање фискална сметка, граѓаните на државата и донесоа 100 милиона евра. Има пари во државата, ќе продолжиме да се бориме против сивата економија. Ќе се покачат пензиите. Имавме храброст да ги укинеме квотите за лековите. На лекарите специјалисти платата им е 112.000 денари во Клиничкиот центар, на нивно на Македонија просекот е 97.000 денари, медицинскиет сестри повиски плати за 25, наставниците за 21 отсто. И во другите дејности платите се покачени, рече Заев.
Одговарајќи на прашање за предизвиците од корона кризата, Заев наведе дел од помошта за граѓаните и фирмите во општина Прилеп.
-Денес во Северна Македонија 26.636 домаќинства користат гарантиран минимален приход во просек повисок за 300 отсто. Во Прилеп, 1.390 лица го користат овој приход секој месец. На 1.053 фирми, или на 6.566 вработени им беа субвенционирани платите и придонесите само во општина Прилеп. Тоа е 93 милиони денари помош на стопанството во општината до овој момент. Прилепчани добија 15.480 платежни картички до овој момент. Но, не застануваме тука, следува дополнителен пакет за помош на стопанството, посочи Заев.
За него, како што рече, нечесен е односот од ВМРО-ДПМНЕ да се негира најдобро платениот тутун и сегашната стабилна состојба во Тутунскиот комбинат.
-Ги слушам како зборуваат и плукаат по Тутунскиот комбинат Прилеп, а не кажаа дека тутунот никогаш немал повисока и никогаш немал постабилна откупна цена. Уште пред три години ги зголемивме субвенциите. Не кажаа дека пред три години, пред тие да бидат сменети од власт 93 милиони евра должеше Тутунскиот комбинат. Сега е рентабилен, добивка покажа Тутунскиот комбинат, дава редовни плати, секој пат е тука да го откупи тутунот кога ќе треба за да може да балансира. И тоа како не сме исти, рече Заев на трибината во Прилеп.
На прилепчани им се обрати и носителот на листата во четвртата изборна единица Соња Мираковска нагласувајќи дека да се зборува во Прилеп е голема обврска пред оние кои ја имаа визијата и за оние кои го положија својот живот да имаме слободна, стабилна и безбедна земја.
Мираковска рече дека граѓаните знаат кој носи напредок и интеграција, затоа на 15 јули масовно ќе ја подржат коалицијата „Можеме“ и ќе гласаат за бројот 3.