Ова е признание за напредокот за зачувување на вредностите на Охридскиот регион, но и најсилно предупредување дека сите мораме да се вложуваме и постојано да го штитиме охридското, македонското, светското наследство, вели премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во врска со одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да не го впишат Охридски регион на листата на светско наследство во опасност.
Тој во објавата на својот фејсбук-профил наведува дека во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилат соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.
– Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока, пишува Заев на Фејсбук.
Го штитиме нашето природно и културно наследство затоа што, како што додава, тоа е наше и светско културно наследство кое треба да го предадеме и на идните генерации. Според него, со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион го подобруваме и квалитетот на живот на граѓаните и го афирмираме владеењето на правото.