Благодарам за исцрпната дискусија и позитивната атмосфера. Ќе се обидам да дадам на сите по една реченица одговор. Илија Димовски вели како ќе го весламе бродот Македонија, ние нема да го весламе, ќе му ставиме мотор и ќе оди побрзо. Проблемот со Грција е реално загрижување, ќе соработуваме со опозицијата и ќе има референдум да одговорат граѓаните, рече мандатарот Зоран Заев во завршното обраќање вечерва пред гласањето на новата влада.
– Јас сум Македонец и ме боли исто како вас македонштината, рече Заев.
Тој кажа дека ветил дека ќе испрати барање до СЈО дали некој од предложените министри е под истрага, а од таму го известиле дека за сите 25 кандидати за министри вклучително и него не се водат истраги.
– Стефан Богоев вети поддршка и критика. Ако видите дека нешто не е во функција на граѓаните, вратете го законот. Антонијо Милошоски зборуваше со многу лош вокабулар, лекции ќе добијат сите како законот важи за сите, но секој за кој има докази ќе си одговара, рече Заев.
Новиот премиер кажа дека се гордее што и Албанците гласале за него и се надевам дека и за пратениците Албанци ќе гласаат Македонци.
– Парите има да се вратат, законите кои и денеска важат, се во тој правец, кажа Заев.
– Афтим Гаши вели сум бил ист како Груевски, ама ќе докажам дека не сум ист како Груевски. Влатко Ѓорчев вели не гледам тим кој ќе донесе инвестиции во Македонија, па ќе нема пари во касата. Ветувам многу инвестиции, домашни и странски, изјави новиот премиер.
Тој го потврди и ставот на Петре Шилегов дека нема да има одмазда и реваншизам, но ќе има казни. И дека парламентарното мнозинство ќе биде силен коректив на власта.
– Ова е мојот кабинет, за мене сите министри се еднакви и ја имаат целата поддршка. Ако некој се дрзне да интервенира, влијае врз обвинител или да влијае врз судија, подобро сам да си даде оставка или јас ќе дадам предлог за разрешување. Новата Влада има два помалку министри од претходната Влада, кажа Заев.
Тој се обрати и на пратеникот Стевананџија, кој иронично кажа дека СДСМ сега ќе ги врати иселените млади. Заев кажа дека сите имаме млади кои што се надвор од државата и дека гориме да се вратат назад и дека е убеден дека Македонија може подобро на економски план.
Премиерот кажа дека времето ќе покаже дали биле во право сите навреди упатени кон него.
– Драган Данев вели мнозинството се довело во позиција да биде опозиција, над 700 илјади граѓани еднакви по устав и закон гласаа против ВМРО-ДПМНЕ, тоа е мнозинство, кажа тој.
Заев кажа дека дал писмени гаранции затоа што никој не барал нешто спротивно од Уставот и дека сите ќе работеле во функција на унитарноста и согласно со Уставот.
Тој кажа дека стојат зад владината програма и се надева дека ќе успеат да реализираа 100 отсто од истата. Според Заев, програмата е составена од програмите на сите политички партии од мнозинството, но и од сите убави работи од другите програми.
– Започнува време каде сплотеноста ќе биде императив. Ќе го поздравиме и ќе го продолжиме тоа што е добро. Држете ме за збор, ќе одржиме лекција која ќе остане позитивен пример за сите граѓани во Македонија. СЈО треба да си ја заврши работата, секој за кој има докази треба да одговара, рече Заев.
Тој се осврна и на говорот на Никола Попоски кој вети дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде добра и конструктивна опозиција и му порача дека би бил добар лидер на опозицијата.
– Сериозни лузни останаа во општеството, имаше албанофобија. Имам лузни на лицето, ќе поминат, лузните во општеството треба време за да поминат. Сигурен сум дека на сите им е тешко за 27. април, се надевам нема да се повтори, заврши Заев.