Вината за непочнатите активности за изградба на новиот клинички центар премиерот Зоран Заев вечерва посочи дека е кај ВМРО – ДПМНЕ и нивната партиска неусогласеност, поради која предложениот закон за новиот клинички центар беше заглавен во Собранието. Премиерот Заев ја повика опозицијата побргу да ги реши внатрепартиските превирања за да може да тргне работата и во Парламентот.
„Еве клинички центар. Се преговараше седум месеци. Опозицијата да има мнозинство во надзорот и опозицијата да има мнозинство во проектната единица. Ние имаме министер, не ни треба да имаме мнозинство. Дај еднаш да застанеме заедно власт и опозиција. Не, 2000 амандмани блокада. Е зошто? Што да правиме, да се откажеме од клинички центар? Океј, ќе блокираат, до каде ќе блокираат? До кога ќе блокираат? Уште еднаш испраќам порака за соработка. Кога има консензус и соработка тогаш се движиме трипати посилно, поефикасно и побрзо“, рече министерот Заев во обраќањето откако се појави исчезнатиот ексдиректор на тајната полиција, Сашо Мијалков.
Во февруари минатата година, законот за нов клинички центар ВМРО – ДПМНЕ го блокираше со 2000 амандмани со објаснување дека нема да дозволат да се случи криминал протнат како нов клинички центар, пљачка на народни пари и задолжувања кои ќе ги плаќаат граѓаните.
Собранието на крајот на декември мината година по скратена постапка го усвои владиниот Предлог на закон за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби.
Министерот за здравство Венко Филипче во образложението на потребата за носење на овој Предлог-законот по скратена постапка нагласи дека со него се очекува забрзување на сите механизми во делот на изградбата на новиот Клинички центар, проект што е одамна очекуван.
Новиот клинички центар кој ќе се гради во Ѓорче, ќе чини околу 450 милиони евра.
Освен овој проект, премиерот Заев нагласи дека заглавени во Собранието се и законот за енергетска ефикасност, закон за земјоделие со 50 милиони евра, нови откупни пунктови и зголемување на продуктивноста во земјоделието, а поради ВМРО – ДПМНЕ заглавен стои и проектот за трамвајот на тркала во Скопје.