Да се биде војник во земја членка на Алијансата значи да се работи во многу подобри услови, по стандарди на сојузниците од НАТО. Како војници треба да бидете горди што ќе бидете првата генерација која ќе служи на својата земја како земја членка на НАТО, порача денеска премиерот Зоран Заев на свеченоста по повод приемот на 125 професионални војници во АРМ.
– Нашето членство во сојузот за вас ќе отвори поголеми можности. Македонската армија со години наназад рамо до рамо со војските членки на НАТО учествува во мировните мисии и добива највисоки оценки. Со учеството во тие мисии растеа и капацитетите на АРМ. Министерството за одбрана и Владата на РМ заеднички работеа напорно за да го вратиме дигнитетот на вашата професија, а минатата година се соочивме со поразителна состојба после застојот во реформите. Но го прифативме предизвикот и за само една година нашата земја го постигна она што никој не можеше да го предвиди. Нашиот пристап кон решенија овие денови ни донесе радосни вести и позитивни одлуки. Една од нив е најавената покана да бидеме 30 членка на Алијансата, истакна Заев нагласувајќи пред војниците дека Македонија ќе седи на иста маса со големите светски сили.
Премиерот информираше дека Владата почнала со зголемување на Буџетот за одбрана, и дека обезбедува доволно средства што ќе ги задоволат сите потреби на една современа армија, а најави и реформи кои, како што рече, ќе се почуствуваат многу брзо.
Поканата за НАТО која ќе ја добиеме следната недела, според Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ќе значи почеток на една ера на стабилност и безбедност за нашата земја.
-Вие сте првата група од вкупно предвидените 375 нови професионални војници кои годинава треба да го зајакнат составот на АРМ. Сакам да ви кажам дека вие ја започнувате вашата кариера во вистинско, крунско време. Време на големи предизвици, модернизација и професионализација на армија. Време во кое Македонија ќе ја унапредува одбраната и ќе го достигне стандардот на Алијансата, рече Шекеринска и додаде дека членството во НАТО гарантира безбедна иднина за граѓаните на нашата земја.
Во однос на некои од придобивките од членството во Алијансата, Шекеринска го даде примерот со Бугарија која за пет години членство од седум проценти БДП, странските директни инвестиции пораснале на речиси 20 отсто од БДП. Според министерката, ова е само еден од многуте примери што ја покажуваат врската меѓу безбедноста и економијата.