Премиерот Зоран Заев го осуди вчерашниот инцидент на Водно меѓу градежни работници и активисти од граѓанските движења од областа на екологијата, кои протестираа за заштита на шумата.
– Прво да изразам жалење за ваквиот начин на однесување на багеристи и кои било други претставници на изведувачите, работници и наши граѓани коишто работат. Апсолутно осуда е ваков настан макар и преку закана дека некој ќе нападне човечки живот или не знам што ќе направи за да ја извршува својата работа, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека ветиле дијалог по ова прашање и дека се одржале десетици и десетици состаноци со граѓанските активисти затоа што се работи за нашето Водно, за белите дробови на Скопје, но истовремено се работи за проект којшто ќе биде од огромна еколошка пред се вредност, а понатаму и од економска вредност за граѓаните.
– Секоја цевка заштедува илјадници дрвја пред се и на Водно, а и на Шар Планина заради тоа што гасоводот води према Тетово и Гостивар. Јас се надевам дека сите заедно внимателно и будно ќе продолжиме да го следиме проектот на реализација на гасификацијата која што поминува во подножјето на Водно заради тоа што дефинитивно која било друга алтернатива може да направи само поголеми штети од ова што сега го имаме, истакна премиерот.
Атернативата преку Скопска Црна Гора, како што посочи Заев, според пресметките дупло повеќе прави штета во кубни метра дрвја.
– Овде се проценети 1.400 метри кубни дрвја коишто ќе бидат десеткратно најмалку надокнадени. Знаете дека токму поради аргументираните сугестии на граѓанските организации, на граѓанските движења од областа на екологијата, периметарот на сечењето на шумата од 25 метри е намален на 10 метри, остануваат 25 метри надвор од шумскиот појас и продолжуваме во дијалог токму со нив во организација на овој проект. Немаме намера ништо да биде така избуткано со сила. Токму во разговор и во дијалог со граѓаните трудејќи се да ги запазиме сите еколошки аспекти ќе продолжиме во реализацијата на овој значаен капитален проект за граѓаните, за државата, но и за екологијата во Република Македонија, рече Заев.
Според него, изградбата ќе застане таму каде што граѓанските движења од областа на екологијата имаат замерки, а таму каде што немаат замерки ќе продолжи.
– Секако, таму каде што има замерка внимателно ќе слушаме, ќе разговараме, ќе гледаме во дијалог да ги најдеме решенијата. Посветени се институциите. Јас гледам брза реакција од МЕР директно преку изведувачите, извинувањето веднаш се случи, дури имаа и одредени санкции коишто се покренати. Тоа го видов уште од вчера, но истовремено стојам дури и јас на располагање и сите државни институции да бидеме максимално посветени преку дијалог да изнаоѓаме решенија на вакви проблеми. Не случајно граѓаните наши реагираат. Тоа не е така од што им текнало, туку има причини за тоа. Ако има причини институциите се должни да слушаат внимателно и преку тоа да изнаоѓаат решенија како да се постигне и реализацијата на проектите, но и еколошки сето тоа да биде безбедно, рече Заев.