Заев: Експертско решение за местото државен јавен обвинител

Од:

Премиерот Зоран Заев по посетата на Порој одговарајќи на новинарско прашање околу процесот на менување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски и дали има предлог за негов заменик, посочи дека ниту тој, ниту било кој политичар не треба да има политички амбиции во делот на идниот државен јавен обвинител.

– Целта е да почнат реформите од секој аспект и особено во делот на правосудството. Првото значајно исчекорување во оваа област е експертското решение коешто треба да биде поставено на местото државен јавен обвинител. Оттука ќе покажеме колку како општество сме подготвени да ги отпочнеме реформите со краен ефект независно правосудство, судство и државно обвинителство. Јас не алудирам ниту размислувам за вакво решение и очекувам решенијата да излезат на површина согласно процедурите штом ќе заврши постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, истакна Заев.

Се уште се надевам, додаде премиерот, дека Зврлевски ќе ја забрза постапката со тоа што ќе поднесе оставка, но ние денеска ја отпочнавме процедурата со барање на мислење до Советот на јавни обвинители за негово разрешување.

– Тоа е да ја вратиме правната држава, законот да биде еднаков за сите и очекувам сите да помогнеме во ваквиот процес. Штом ќе бидат отпочнати процесите за номинирање и постапката за избор на државен обвинител ќе ја отвориме дебатата на многу транспарентен начин. Очекувам експертски решенија и мотивација на квалитетни луѓе коишто ќе се фатат во костец, а ќе имаат шанса да испишат и своја историја преку историјата за Република Македонија во функција на враќање на правната држава, рече Заев.

Посочи дека веќе на следната владина седница, следниот вторник ќе се разговара и за разрешувањето на досегашниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и именување на нов директор и во БЈБ и во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Околу распределбата на останатите државни функции Заев посочи дека лидерска средба имало по телефон и оти утре ќе има и состанок .

– Ние сме само тие што ги даваат насоките околу формирањето на работните групи и комисиите кои треба да носат одлуки за час поскоро, да се номинираат функционерите што треба да ја преземаат одговорноста за соодветните институции за да можеме веднаш да се зафатиме со работа. Имаме одлична соработка и меѓусебно разбирање со сите партнери што се дел од владината коалиција и верувам дека ќе изнајдеме максимално квалитетни решенија за сите позиции водејќи се од императивот дека стручноста на човекот и подготвеноста да биде сервис на граѓаните ќе биде примарно при одлиучувањето за сите позиции, изјави Заев.

Премиерот рече дека ги отпочнале и меѓусебните разговори за именување на замениците на министрите бидејќи, според него министерот, неговиот заменик и државниот секретар во секое министерството се важни функции.

– Намерата не е заменикот да го менува министерот кога тој е во странство, туку секој треба да се зафати со одреден аспект од работата во министерството и сите како тим да работат во извршувањето на задачите и исполнувањето на очекувањата на граѓаните. Насоките се дадени и очекуваме квалитетни кадри. Не ми е важно од која политичка партија, граѓанска група или експерт ќе биде на одредени места, туку важен ми е квалитетот на човекот кој ќе биде даден. Затоа очекува силна поддршка на првите луѓе во министерствата во функција на побрзо решавање на проблемите на граѓаните, посочи Заев.

Тој најави дека следниот понеделник заедно со заменик премиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и повеќе советници ќе ја реализира својата прва посета како премиер на Македонија на седиштето на ЕУ во Брисел и ќе се сретне со комесарот Јоханес Хан на разговори околу реформските приоритети на Владата и спроведувањето на извештајот на Прибе, како и извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија. Додаде дека очекува средба и со други високи претставници на ЕУ, со Јункер, Туск, Могерини за, како што рече, да ги сублимираат очекувањата на ЕУ и работите што ќе се спроведат во Македонија да бидат прецизни, точни и навремени и согласно очекувањата прво на граѓаните, а потоа и на ЕУ.

Заев посочи дека веднаш по оваа прва посета надвор од Македонија очекува дека ќе ја посети и Софија бидејќи, како што рече Заев, Бугарија од 1 јануари следната година го презема претседавањето со ЕУ и е целосно подготвена да и помогне на Македонија во инегративните процеси.

– Сите овие посети и најави значат засилена активност прво внатре во државата и со помош на пријателите од ЕУ и од соседните земји да ја придвижиме Република Македонија кон полноправно членство во НАТО и ЕУ, изјави премиерот Заев.

Би можело да ве интересира

Избрана заменичка на Јовевски, но само привремено – Обвинителството ќе го води 6 месеци

Анита Петровска Рајковиќ

Притворен прилепчанец кој и се заканувал на обвинителка и на нејзиното семејство

Горан Наумовски

Криел предмети во фиока – Поднесен предлог за разрешување на јавен обвинител

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Фирми на Мијалкови и на Трајче Заев должат четири милиони евра за ДДВ: Кои се најголеми должници на УЈП

Орце Костов

Синот на Џафери стана oбвинител – работно место како обвинител доби и сопругата на Абази

Анита Петровска Рајковиќ