Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи утре одат во Софија.
Целта на посетата, како што информираат од владината прес-служба, е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Северна Македонија.
Премиерот и владината делегација ќе остварат работни средби со претседателот на Бугарија Румен Радев, со премиерот на Бугарија Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии во Република Бугарија.
-Прашањата што ќе бидат разгледани се од исклучителна важност и за двете страни, истакна премиерот на Бугарија Стефан Јанев во пресрет на денешната владина седница.
Тој изрази надеж дека практичните чекори што можат да се преземат меѓу владите на Бугарија и Македонија подоцна може да се рефлектираат во позиција што ќе биде разгледана во новиот бугарски парламент и да се бара трајно решение, што ќе биде во интерес на европската интеграција и перспектива на сите земји од Западен Балкан.