„Заедно посилни“: Нема лек „тенофовир“ за пациентите со ХИВ

Од:

Групата за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија „Заедно посилни“ денеска на прес конференција информираше дека во моментов на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје недостасува лекот „тенофовир“ кој е еден од основните лекови што се користи како дел од тројната комбинација која во моментот ја примаат 15 пациенти.

Од „Заедно посилни“ тврдат дека оваа година ова е втор случај целосно да се исцрпат залихи од некој лек и дека со овој проблем пациентите со ХИВ се соочуваат неколку години наназад.

– Во ваквите ситуации пациентите се принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат, со тоа што лекови нарачале преку интернет или со тоа што Клиниката барала итни донации или пак самите пациенти успевале да обезбедат мали залихи со помош на здруженија од Европа, некои пак солидарно си ги споделувале меѓусебно таблетите, изјави Андреј Сених координатор на „Заедно посилни“.

Потенцира дека според самата природа на ХИВ инфекцијата и начинот на кој што делува терапијата, ниту еден лек не смее да се прекине макар и само на еден ден, бидејќи тоа води до појава на мутации и резистентен вирус.

Поради овие причини, групата за поддршка на лицата што живеат со ХИВ побараа во превентивната програма за ХИВ на Министерството за здравство да се обезбеди доволен буџет, да се зголемат средствата за тековната година бидејќи не се обезбедени сите потребни лекови како на пример неколку педијатриски формулации за третман на ХИВ кај деца и лекови од втора и трета линија на терапија која ја примаат одреден број пациенти.

Директорот на Инфективната клиника од Скопје Звонко Миленковиќ тврди дека поради зголемениот број на овие пациенти можно е да дојде до недостиг на тој лек, но тоа не значи оти замената со друга комбинација на лекови не може да ги оствари идентичните ефекти.

Процедурата за набавка „тенофовирот“, посочи Миленковиќ, е завршена пред десетина дена и е потпишана од менаџментот на клиниката и доставена е до фирмите што го добиле тендерот, така да се очекува до крајот на оваа недела лекот да биде достапен за пациентите кои се лекуваат со антиретровирусната терапија.

На новинарско прашање, дали има пациент за кој во моментов нема соодветна терапија, тој рече дека сите пациенти се згрижени и посочи доколку се има такво сознание, да се достави до менаџментот на клиниката за да се преземат соодветни мерки.бк/са/13:13

Би можело да ве интересира

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Нови случаи на ХИВ и еден на СИДА во Македонија, сите се мажи на возраст 20 и 39 години

Орце Костов

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски

Вработувањата на 1.117 лица во здравството не се предизборни, тие веќе работат по клиниките, тврди Ковачевски

Орце Костов