Постери, заеднички ученички активности и едукативни анимирани видеа, чија цел е да им помогнат на училиштата при планирање, организирање и реализирање на краткорочни и долгорочни училишни активности, создадени како резултат на активности кои се случуваат во рамки на 436 училишта во земјата, се промовирани денеска во рамки проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.
Повеќе од 4.200 ученици биле дел од креативни работилници, креативни корнери, дебатни клубови и јавните дебати организирани со етнички мешани групи во рамки на проектот, во кој се вклучени сите основни и средни училишта во Македонија и се воспоставени 395 партнерства помеѓу училиштата и се спроведени повеќе од 1.000 заеднички ученички активности.
Претседателката на работната група за интегрирано образование при Министерство за образование и наука, Назиктере Сулејмани истакна дека станува збор за заеднички активности кои што се реализираат во сите училишта и кои придонесуваат кон подобра клима во училиштата, во општината и во земјата.
– Сите училишта дадоа несебичен придонес кон реализирање на овие проекти и ги охрабрувам и понатаму да продолжат со ваквите активности затоа што во една мултиетничка држава, како што е нашата, без запознавање и без заедничко играње и дружење, сигурно нема да биде целосна, истакна Сулејмани.
Ана Пискачева, координатор во рамки на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, истакна дека во петата година од имплементацијата на проекетот, денеска слободно можеме да кажеме дека нема ништо невообичаено или изненадувачки кога ученици од Липково и од Кратово работат заедно на биолошки истражувања или пак кога учениците од Гостивар и Кавадарци заеднички пеат на сите јазици.
– Главната заслуга за сето ова го имаат училиштата, наставниците, кои вложуваат исклучителен труд и демонстрираат искрена посветеност во градење на една нова генерација на млади луѓе, кои знаат и сакаат да живеат заеднички, гледајќи на диверзитетот како на предност на нашето општество, а не како пречка, нагласи Пискачева.
Тоа што денеска го презентираме, продолжи таа, се едукативните, анимирани видеа направени во рамки на проектот, а кои ќе им служат на наставниците при спроведување на заедничките ученички активности.
– Самите видеа се презентација на различни видови на активности. Едното е како да се направи интегрирана приредба, односно како училиштето да подготви приредба што е вистински интегрирана и каде што еднакво учениците од еден и друг наставен јазик учествуваат и ја подготвуваат заеднички приредбата. Другото видео е за краткорочна активност, вообичаено тоа е активност меѓу партнерски училишта од еден и друг крај на Македонија, каде што доаѓаат во посета и како може таа активност од неколку часа да ја направиме да биде поуспешна. Потоа имаме видео за интегрирана секција, односно на каков начин може да се направи секција во која подеднакво ќе учествуваат и едните и другите ученици, нагласи таа.
Проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието е пет годишна инцијатива вредна 6,2 милиони долари и е спроведуван од Македонскиот центар за граѓанско образование, во партнерство со Министерството за образование и наука.
На денешната промоција во Кинотека на Македонија партнер училиштата, исто така, демонстрираа разни заеднички активности кои учениците од различни етнички средини ги преземаат за унапредување на меѓуетничката интеграција и се претставија со песни и театарски изведби создадени во рамки на проектот.