Случајот „Макпетрол“ не е „приватно“ прашање. Тоа може драматично да се одрази на надворешните приоритети на Македонија, предупредуваат аналитичари и домашни политичари.
Додека партиите се занимавааат со спорни гласачи и со формирање ад-хок тело за медиумски монитринг, во сенка на пржинскиот договор се одвиваат процеси кои можат драматично да се одразат на декларираните надворешно-политички приоритети на Македонија. Во домашната јавност, но и надвор од неа се множат сомневањата дека зад обидот за преземање на „Макпетрол“ не стои бизнис интерес на претендентот „Балкан петролеум“, туку на домашни политички актери, кој пак е дел од поголем политички пакет, односно вовед во можно „тивко“ свртување на земјата од досегашниот надворешно-политички курс, пишува Дојче Веле.
Странски извори, упатени во процесите во нафтениот бизнис и начинот како тој се користи за остварување политичко влијание и зависност, велат дека воопшто не е важно името на компанијата што формално декларира интерес за преземање на македонската компанија, туку кој реално стои зад нејзината понуда.
„Прашањето е дали менаџерите ‘играат’ за некој друг/и. И за кого? Индикативна и многу речита е огромната индолентност на надлежните државни институции во Македонија, ако се има предвид дека станува збор за најголемата фирма за снабдување на пазарот со нафта и нафтени деривати во земјата. Тоа може да се толкува дека не се загрижени оти компанијата ќе биде преземена од ‘некој непознат и несоодветен’, туку обратно – тој да е параван за ‘познат купувач’, кој сака да остане во сенка. Мотивацијата за аукции во овој биснис има неколку предзнака – од чист политички неинфициран бизнис интерес, преку преземање заради економско армирање на политичка доминација, до комбинирана – задоволува и нечии домашни интереси (економски или политички), а конвенира и со странски – компаниски или државни“, објаснува соговорникот.
Според него, во нафтените бизнис-кругови случајот со „Макпетрол“ е прочитан како „комбиниран“, врз основа на бизнис информации, но и на сознанија за средби на македонски политичар(и) со клучни лица кои точно навестуваат од каде „дува ветерот“, од кои една била реализирана и на кратко пропатување низ соседна земја.
Тест за евроатланскиот курс
На ризиците за државата што може да произлезат од овој случај, предупреди и претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски. Тој укажа дека македонската јавност е преокупирана со најновиот договор меѓу пржинските потписници, но тоа не смее да ја дефокусира од битните прашања за граѓаните, а такво стратегиско прашање за Македонија е енергетскиот пазар.
„Првиот тест за нашата државна и институционална зрелост е пресретнувањето на опасноста од енергетска зависност и идна промена на евроатланскиот курс на државата. Една од точките на независноста на државата е нејзината енергетска одржливост и социјалната и економската положба на граѓаните, а значајно прашање во тој домен е снабдувањето со нафта и деривати. Оттука, вниманието го насочуваме кон претстојната одлука на Комисијата за хартии од вредност по прашањето на ‘Макпетрол’, како најголема фирма за снабдување на пазарот со нафта и нафтени деривати, односно снабдувањето на граѓаните, институциите и фирмите со нив“, посочи Величковски.
Либералната партија уште од ланското замрзнување на сметките на „Макпетрол“, предупреди дека расчистувањето на овие прашања ќе одговори дали сите процеси против оваа компанија се битка за нафтениот и растечкиот пазар на гас. „Неколкукратното одлагање на одлуката на Комисијата за хартии од вредност по прашањето на понудата за преземање од страна на ‘Балкан Петролеум’, укажува дека ‘Макпетрол’ и нафтениот пазар во Македонија се и политичка цел. Денес гледаме процес кој најавува опасност од политичко, но и стратегиско прекројување на пазарот со енергенси. Всушност, ‘Макпетрол’, но и воопшто снабдувањето на пазарот со нафта, деривати и гас, ризикува да стане колатерална штета и дел од пржинското договарање. Затоа ги предупредуваме ‘државните коалиционери’ Груевски, Заев и Ахмети дека владеењето на правото, а не партиската поделба на економијата е основна задача на одговорната политика“, порача ЛП.
Партијата ги наведе и двата основни потенцијални ризици што се исцртуваат со случајот „Макпетрол“. Првиот се однесува на 2.000 работни места во компанијата и егзистенцијата на нивните семејства. Само лани за нив се издвоени 5 милиони евра по основа на персонален данок и придонеси, а вкупниот придонес на компанијата кон буџетот по основа на давачки минатата година бил 174 милиони евра.
„Вториот ризик е стратегиски: ‘непријателско преземање’ на компанијата од страна на рускиот ‘инвеститор’ најавува опасност низ енергетска зависност на пазарот на нафта, нафтени деривати и гас да биде влијаено врз промена на македонската надворешно-политичка и евроатланска ориентација“, предупреди ЛП, со став дека партиите и државните раководители имаат обврска да ги спречат ризиците од ваквиот несакан правец на развој.
Енергетиката- главна тема
Темата „Макпетрол“ минатата недела беше актуелизирана во Собранието на седницата за пратенички прашања. Пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев запраша дали власта преку молчење и целосна неактивност на државните институции го потпомага преземањето на „Макпетрол“ од сомнителна странска компанија, за да се уништи или замолчи „ТВ Телма“ пред изборите.
Ниту еден државен орган, вклучувајќи ја и Комисијата за хартии од вредност (КХВ досега не се изјасни околу сомнежите за „имиџот“ на фирмата што сака да го преземе „Макпетрол“. За случајот се заинтересира и Европската енергетска заедница со седиште во Виена, која испрати писмо до Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика, со барање да се разјаснат дилемите околу потеклото на капиталот на „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“. Досега нема информација дека македонските институции доставиле одговор до ЕЕЗ.
Сето ова се случува кога во соседните земји примарен интерес е зајакнување на енергетскиот сектор и проширување на соработката. Доказ за тоа е и заедничка седница на бугарската и грчката влада што ќе се одржи во Софија. Со грчкиот премиер Алексис Ципрас доаѓаат речиси половина од министрите на „Сириза“, а на седницата покрај случувањата во Турција и регионот, главна тема ќе биде енергетската соработка и можноста за поврзување на грчко-бугарскиот гасовод ИГБ со Трансјадранскиот гасовод, од кој потоа би се пуштале краци кон Македонија и други земји од Западен Балкан.
Во Македонија пред три дена беше свечено одбележно завршувањето на изградбата на гасоводот Клечовце – Штип. Во наредниот период изградбата треба да продолжи од Штип кон Неготино и Кавадарци, а потоа и на уште два крака – еден од Кавадарци кон Прилеп и Битола, и втор од Скопје кон Тетово и Гостивар.
„Уште колку коктели ќе направат Никола Груевски и соработниците, уште колку чаши со здравици ќе испијат, уште колку црвени машни ќе исечат за гасоводот кој и по 10 години во Македонија се уште не е пушен во употреба“, реагираа социјалемократите.
„Додека Груевски и соработниците се занимаваа со криминални милионски провизии, општина Струмица и општина Куманово ефикасно се гасифицирани и граѓаните одамна ги користат бенефитите од евтиниот енергенс, гасот“, соопшти СДСМ.