Во Република Македонија има повеќе од 120 заболени од хронична миелоична леукемија (ХМЛ). На пациентите им се неопходни нови лекови на позитивната листа, истакна денеска претседателот на Здружението на заболени од хронична миелоична леукемија, Пепо Леви, по повод 22 Септември, Меѓународен ден на заболени од ХМЛ.
– Во светот процентот на преживување на пациентите е голем и современата медицина покрај второлиниска терапија со Nilotinib, кој е потребен на 20 пациенти и Dasatinib, воведе и третолиниска терапија со Bosutinib, кој му е потребен на еден пациент, како и Ponatinib, рече Леви.
Тој изрази надеж дека ќе се откочи процесот во институциите околу набавката на Nilotinib и Bosutinib.
Заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски рече дека нивна заложба е сите лица на кои им се неопходни соодветните лекови навремено да ги добијат, затоа што, како што рече, тоа е неопходно за нивното здравје и живот.
– Во конкретниот случај Министерството цврсто стои на ставот дека се преземаат сите чекори и мерки што ни стојат на располагање во насока на соодветно обезбедување на терапијата. Министерството останува отворено за соработка и за континуирано изнаоѓање стратешки решенија за унапредување на здравствената заштита на оваа категорија на граѓани, рече Чакаровски.
Директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска, истакна дека само пет од тие 20 пациенти не се во хематолошка ремисија. Останатите 15 пациенти, посочи, се уште се во хематолошка ремисија и се стабилни, меѓутоа постои нарушување на молекуларниот одговор.
– Оваа современа терапија е молекуларна. Тие ја примаат прволиниската терапија и се под контрола. Тие што се во хематолошка ремисија можат и следните две до три години да бидат во хематолошка ремисија на прволиниската терапија, не постои правило. Некои од останатите пет пациенти се на донација и примаат лекови, рече Пановска.
Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД), Роберт Бекироски рече дека достапноста на лековите за оваа категорија на граѓани ќе биде на највисоко ниво.
– Завчера остваривме средба со Пепо Леви и му ветив дека процесот ќе биде откочен оваа недела со цел пациентите да не чекаат за лекови. Се што е во рамките на Агенцијата за лекови и медицински средства одговорно Ви тврдам дека од наша страна е направено и е доставено до Советот за јавни набавки. Останува на Советот за јавни набавки да даде зелено светло и да ја отпочнеме јавната набавка. Ќе се залагам да се најде системско решение за ваков тип специфични категории и препаратите да влезат на позитивната листа на лекови, истакна Бекироски.