Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата врз основа на заклучоците и препораките донесени од Владата и Министерството за здравство за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од коронавирус, денеска бесплатно подели средства за дезинфекција на раце во повеќе министерства, владини институции, како и во дел од органите во состав на министерствата.
– Средствата за дезинфекција на раце се наменети за сите вработени во институциите, како и за граѓаните што ги користат нивните услуги, зашто здравјето на граѓаните е пред се, велат од владината прес-служба.
Тие информираат дека во текот на викендот ќе се спроведе дезинфекција во просториите на сите министерства, како и во органите на управата.
Дезинфекција ќе се изврши и во резиденцијалните објекти на претседателот на државата и на претседателот на Владата, на клубовите на органите на државната управа (угостителски објекти), магацинските простории на општите служби, како и на возниот парк на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
– Оваа мерка за дезинфекција, како и снабдувањето на институциите со средства за дезинфекција на раце ќе продолжи во повеќе наврати, ќе се спроведува во институциите, особено таму каде што е најголема фреквенцијата и комуникацијата на граѓаните со администрацијата како придонес за спречување на ширењето, за превенција и за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните, додаваат во соопштението.