Одржувањето на предвремените избори во закажаниот термин на 12 април е можно да се проблематизира, поради одолговлекувањето на клучните закони во Собранието. Ова вчера го изјави премиерот Зоран Заев, додека пак опозицијата обвини дека премиерот ќе бара илјадници можни начини за да ги одложи изборите.
Претседателот Стево Пендаровски, пак, вели дека нема логика изборите да се одложат бидејќи тие се закажани само неколку месеци пред редовниот термин, како и тоа дека тоа би ги нарушило планирањата на бизнис заедницата.
– И така влегуваме во изборна година, 12 април е само неколку месеци од редовниот термин за избори, и не можам да видам која партиска или државна логика, би барала тие избори да се изместат, вели Пендаровски.
Заев вчера изјави дека доколку во Собранието не бидат донесени суштинските закони кои се значајни за животот на граѓаните, тогаш изборите може и да се одложат, додавајќи дека сепак не го посакува тоа.
– Сто пати сум кажал досега дека изборите не треба да се одложуваат, но истовремено должност пред се граѓанска и политичка е да не дозволиме било што да ја закочи реализацијата на она што значи интерес на граѓаните, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со 120-те закони што се на дневен ред на собраниската седница.
Тој рече дека нема да им го дозволат тоа на сите оние што се обидуваат да опструираат, и апелираше и до парламентарното мнозинство да биде во собраниските клупи за навремено да се донесат суштинските закони.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, коментирајќи ја изјавата на Заев, рече дека премиерот ќе бара илјади можни начини како да ги одложи изборите.
– Цело време се обидува да внесе смут и во Собранието, меѓу коалициските односи во неговата Влада и со разни идеи само за да избега од изборите. Веројатно во текот на вчерашниот ден добил нови анкети на својата маса и видел дека трендот на поддршката која тој ја има е во екстремно надолна линија, рече Димовски.
Ние, како што рече, никогаш не сме правеле проблем во Собранието за суштинските закони.
-Напротив, правиме проблем за кршење на Деловникот. Правиме проблем кога се ставаат на дневен ред точки кои не исполнуваат деловнички услови да бидат ставени на дневен ред како точки. Правиме проблем кога се блокира Собранието во една недела со 300 закони, а во целиот мандатен период од три години наназад нема донесно 300 закони. Правиме проблем кога на опозоцијата не и се дава основно право од 130 точки да предложи барем една точка на дневен ред за која ќе се разговара. Во конкретниот случај тоа беше нашата идеја да разговараме за аерозагадувањето и животната средина , рече Димовски.
Додаде дека барале да се разговара оваа недела поради тоа што е неопходно да се реши проблемот.
ДУИ пак, според пратеникот Артан Груби, со нетрпение ги очекува изборите и следната победа. – Убедени сме во апсолутна победа, посебно кај албанскиот блок и дека ќе станеме пресуден, одлучувачки фактор за формирање на следната влада и ќе бидеме гарант за трите договори, Охридскиот, Преспанскиот и Добрососедскиот, како и за реализација на програмата, нагласи Груби.
Груби потенцираше дека ДУИ е за избори, оти се подготвени и реформирани со цел, како што рече, повторно да ја преземат одговорноста од граѓаните за реализација на нивните очекувања.
Повтори оти ги поддржуваат сите законски решенија, било да е тоа Законот за Армијата, Законот за ЈО, па дури и инкорпорирањето на препораките од ОДИХР и ОБСЕ во Изборниот законик кои би сакале да се усвојат во текот на јануари, по изборот на преодната влада, која ќе треба да ги организира изборите.
Прашан за денешната изјава на премиерот Заев за можно одложување на изборите доколку не се донесат суштинските закони, Груби рече дека ако има политичка волја и дијалог меѓу политичките партии ништо не би било пречка и сите закони можат да се усвојат во краток можен рок.
Запрашан доколку премиерот Заев побара од нив како коалициски партнер одложување на изборите, Груби рече дека тоа е хипотетичко прашање.
Пратеникот Фадил Зендели од БЕСА, пак, оцени дека изборите се веќе договорена работа меѓу политичките партии и кај претседателот на државата и не треба да се условуваат со било какви донесувања на суштински закони.
Пратеникот Самка Ибраимовски од собраниската говорница ја осуди блокадата на носењето на законите од страна на опозицијата и рече дека ќе бара од премиерот одлагање на изборите, додека не се донесат одредени закони во Парламентот.