Приближно еден милион евра потрошил досега Никола Настески од „Никофон“, сопственикот на парцелата за изградба на барокна катна гаража кај „Аутомакедонија“ која жителите не дозволуваат да се гради. Во изјава за „А1он“ Настески вели дека е свесен за револтот на граѓаните и токму затоа е отворен за соработка и изнаоѓање на взаемно прифатливо решение.
„ Станува збор за комерцијален објект, од јавен интерес- катна гаража. За истата се платени надоместоци за купување на земјиштето, комуналии, за изработка на проект и друга документација, што значи дека до овој момент се потрошени приближно 1 милион евра. Ова се трошоци кои инвеститорот до овој момент ги има подмирено, а не може да ја заврши градбата заради тоа што дел од земјиштето се уште го владее ПОЦ и покрај правосилна пресуда. Ние бевме свесни за револтот на граѓаните и од тие причини безмалку една година преговаравме со Општина Центар за размена на постојната со друга недвижност, согласно законските прописи, но за жал не наидовме на разбирање од страна на Општината. Во секој случај, во интерес на заедницата, ние сме отворени за дискусија и изнаоѓање на взаемно прифатливо решение “, вели Настески за „А1он“.
Тој потврди дека за парцелата платил 127.000 евра на јавно наддавање во законски спроведена постапка, но овој износ вели дека бил само една ставка од во целиот проект за кој трошоците тврди дека ќе бидат неколкукратно поголеми.
Иако нема видливи траги на терен и парцелата се уште се користи како паркинг, Настески вели дека градбата е официјално почната и за тоа била известена Општината.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, пак, денес извести дека одобрението за градење на катната гаража е со рок од шест години и истекува 2020 година, бидејќи е издадено во 2014 година. Градоначалникот се сомнева дека брзањето на инвеститорот сега да ја почне градбата е за да го запази рокот и да ја изгради гаражата.
„Сопственикот на парцелата не ги прифати нашите предлози за обесштетување“, рече градоначалникот Богдановиќ кој денес на жителите им вети дека ќе се бори до крај катната гаража да не почне да се гради, а парцелата да им биде вратена на граѓаните.
Тој јавно го повика Обвинителството да постапи по поднесените кривични пријави за случајот со катната гаража од Општината, но и од станарите во околните згради и побара веднаш да биде донесена времена мерка за стопирање на сите активности додека не се донесе конечна одлука по поднесените пријави. Богдановиќ смета дека само фактот што земјиштето е продадено за 1800 денари по квадратен метар место предвидените 5000 денари во уредбата за продажба на државно земјиште, е доволно целиот повик да биде ништовен со што паѓаат и договорот за продажба и издаденото одобрение за градење.
Граѓаните кои денес излегоа да го заштитат паркингот од градежни активности се подготвени да воведат стража за да не дозволат да почне да се гради катната гаража.
Kај „Аутомакедонија“ денес дојде и сопственикот Настески, но не се доближи до парцелата оти таму беа градоначалникот и станарите. Не даде ниту изјава, рече дека не се снаоѓа добро пред камера па не сака да го снимаат додека зборува за проблемот со катната гаража и избега од камерите. Побара прашањата да му ги испратиме по имејл. Одговорите ги испрати по неколку часа.
На прашањето дали останува на ставот катната гаража да биде барокна, Настески одговори „прашањата сметаме дека треба да бидат насочени кон изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за конкретниот случај, а решението во најголема мера зависи од Општината“.