Здружението „За нас се работи“ на протестен собир во сабота (12 декември) на плоштадот „Магнолија“ ќе побара итно решавање на проблемот со загадувањето во Битола.
Како што појаснуваат од Здружението причина за повикот за протест е алармантната долгогодишна состојба со загадениот воздух во градот и околината.
– Секоја власт во досегашното раководење со државата имала свои приоритети, но од досегашното се добива впечаток дека основните проблеми со загадениот воздух во нашиот град се далеку на листата на приоритети, како на централната така и на секоја локална власт во изминатиов период, свелат од Здружението.
Повикуваат на поддршка на платформата „5-ка за Битола“ во која веќе се наведени пет најитни мерки за справување со загадувањето на воздухот, со кои ќе се намали присуството на загадени материи и ПМ10 честички. Како дел од мерките се предложува воведување режим на сообраќајот во централното подрачје на градот, прскање на улиците со соодветна хемиска смеса, јавен еколошки градски превоз, субвенционирање на трошоците за електрична енергија на домакинствата како и преадаптација на постојната топлификација во институциите кои се греат на тврди горива (мазут).
Протестниот собир исто така ќе биде почеток за поддршка на петицијата од страна на граѓаните за која во наредниот период ќе се собираат потписи во Битола.