За Ѓоргиев судот го ослободи Вранишковски, за Божиновска мудра државничка одлука

Од:

Посетата на влијателниот руски митрополит Иларион Алефеев на Македонија кој имаше средба со Јован Вранишковски, но и со претседалот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски се покажа како успешна-Вранишковски ќе биде ослободен.

gjorgjievv

За ваквиот исход, Владата посочува на судските органи кои независно носеле одлуки. Претседателката на Комисијата за односи со верските заедници пак тврди дека е мудра државничка одлука.

„Владата принципиелно го поддржува надминувањето на предизвикот што го има МПЦ-ОА исто како што го поддржуваат сите општествени субјекти кои партиципираат во рамките на нашето општество.

Како Влада ќе ја почитуваме одлуката на Судот, а за мотивите, причините и околностите кои довеле до оваа одлука целисходно е да се обратите кон органот што ја донел, а тоа е Судот“, препорача владиниот гласноговорник Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција во Владата.

valentina-bozinovska

„Мудра и државничка одлука. Едноставно нема ниту поразен ниту победник, ова е само уште еден гест на мудрата политика на МПЦ и на државните институции, значи на државната политика.

– Интересно е што Македонија го прави за подобрување на имиџот на верските права и слободи“, рече Валентина Божиновска за Канал 5.

Токму ваквата одлука на судот, доаѓа и по зеленото светло од МПЦ, Вранишковски да се помилува. По посетата на вториот човек на Руската православна црква и средбата со господин господин Стефан, Македонската православна црква побара од властите милост за поранешниот митрополит Јован Вранишковски. Заклучокот беше донесен на вонредната седница на Светиот архиерејски синод, одржана веднаш по средбата на поглаварот.

„Раководен од духот на човекољубието, а заради повисоки цели, САС на МПЦ-ОА ги повикува надлежните власти на РМ за милост кон затворениот поранешен митрополит Јован, кој и покрај престапите поради кои е осуден и одлежува затворска казна, во овие свети предбожикни денови, не треба да биде лишен од надежта за милосрдие“, соопштени МПЦ-ОА.

stefan-gg

Но ставот на поглаварот на МПЦ беше сосема поинаков точно пред една година.

„Се работи за проект инсталиран, поточно би рекол, злоупотребен однадвор, со цел разнебитување на МПЦ, проект кој во основа е длабоко криминализиран.

– А оваа вистина, што комисиите на АУО и САС на МПЦ неколкупати ја докажаа пред самиот Вранишковски да замине во раскол, вешто се крие од изумителите и поддржувачите на овој срамен чин кој ја продлабочи раната на црковното тело. Кога сите ќе ги прифатат аргументите со кои се докажува криминалот и неморалот на Вранишковски и некои негови поддржувачи, ќе падне и митот за мачеништвото, но ќе падне и маската за искреноста и одржаноста на овој проект“, рече г.г. Стефан, точно пред една година.

mitropolit1

За посетата на рускиот митрополит се дозна од страна на руската православна црква.

Претседателот на одделот за надворешни работи на Московската патријаршија, митрополитот Волоколамски, господин Иларион имаше средба со поглаварот на Македонската црква, архиепископот Стефан и разговараа за регулирање на канонскиот статус на оваа црковна структура, соопшти РПЦ.

Истовремено се информира за средба со, како што велат, архиепископот Јован на клиниката Мајка Тереза во Скопје.

 

 

 

Т.Ц.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата