Во првите девет месеци од годинава, во Гостивар и гостиварско, се случиле 235 сообраќајни несреќи што е за 32 повеќе во споредба со истиот период лани, информираат од СВР Тетово. Билансот на загинати е еден наспроти истиот период лани кога беа регистрирани десет жртви.
Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски посочува дека деведесет и една од вкупниот број сообраќајни несреќи биле со потешки последици. Во преостанатите несреќи причинета е само материјална штета која се проценува на околу 19 милиони денари, што е за четири милиони повеќе од минатогодишното деветмесечие.
– Најголемиот број од несреќите се случиле на гостиварските улици, магистралата Гостивар-Кичево, автопатот Гостивар-Тетово-Скопје и околните регионални патишта Гостивар-Градец и Гостивар-Чегране, нагласи Јосифоски.
Според анализите на СВР Тетово, најчеста причина за несреќите е неприлагодената брзина, односно пребрзо возење (127) несреќи, непочитување првенство (13), возење под дејство на алкохол (9).
Недисциплината во сообраќајот во овој период, на гостиварското подрачје бележи нагорен тренд. Откриени се 7.702 најразлични видови прекршоци или 724 повеќе во споредба со ланскиот. Прекршоците се санкцонирани со изготвување и поднесување 2.217 барања за поведување прекршочна постапка, 3.270 прекршочни и 4.432 мандатни платни налози.
Портпаролот Јосифоски нагласува дека СВР Тетово продолжува со засилени превентивни и контролни активности, чија цел е навреме да се откријат и отстранат од сообраќај неисправните возила и возачи и непосредно да се придонесе за поголема безбедност на подрачјето.