Врие во ЛДП: либералите се жалат дека додека партијата тоне, Милевски си ја вработува фамилијата, а тој обвинува за удбашка конструкција

Од:

Додека Либерално-демократската партија бележи најлоши резултати откако е формирана, претседателот Горан Милевски место за паријата работи за фамилијата, обвинуваат негови сопартијци. Велат дека лидерот Милевски од позицијата министер влијаел и успеал да ја вработи сопругата на Клиника а да добие и државна специјализација, баџанакот го назначил за директор на државната Лотарија, а членува и во Управниот одбор на Агенцијата за пошти додека неговата сопруга е вработена во Државниот испитен центар, братучедот го вработил во Државната видео лотарија, кумашинот во Идризово, а кумашинката си ја зел во неговиот кабинет во Министерството за локална самоуправа.

„Партијата не е биро за вработување. Мојата сопруга и пред да ја запознам била докторка и работела во приватно и јавно здравство“, вели Горан Милевски, престедател на ЛДП

„Резултатите на ЛДП ги нема, но затоа Горан Милевски покрај своето загарантирано министерско место, го има вработено речиси цело потесно семејство во државни институции, без никакви консултации ниту со членството, ниту пак со согласност на партиските органи. Членовите на партиските органи на Либерално демократската партија, Централниот одбор и Извршниот одбор, веќе извесно време бараат одговорност од Милевски и за моменталната состојба на партијата, како и за личниот дебакл на локалните избори во Битола, но одговори нема “, обвинуваат сопартијци на Милевски.

Претседателот Милевски, пак, за „А1он“  ги негира сите наводи на сопартијците.

„Првпат од вас слушам за вакви обвинувања. Некој грешно ве брифирал. Централниот одбор едногласно го прифати извештајот од локалните избори со кој партијата изразува задоволство од изборните резултати. Во однос на непотизмот, јас никого никаде немам вработено. Партијата не е биро за вработување за да дискутираме кој каде од членовите ќе се вработи или каде работи, на таква тема досега не сме дискутирале. Мојата сопруга и пред да ја запознам била докторка и работела во приватно и јавно здравство. Нејзиниот професионален развој апсолутно не зависи од мене. Таа е доктор и не знам каде би можела да работи освен во здравствена институција. Лицето кое работи во Лотарија требало да ве информираат дека е претседател на општинска организација на ЛДП Центар и Извршен секретар на ЛДП и можам да ви кажам дека е еден од кандидатите за идна одговорна извршна функција, а тоа што во меѓувреме ми станал баџанак не му дава за право да се повлече од активно учество во органите на партијата. Лицето кое го спомнувате дека работи во Идризово е вработено пред и воопшто да помислам дека може да му бидам кум, а кумство не се одбива независно што работи во Идризово, а неговата сопруга лага е дека работи во мојот кабинет или воопшто во министерството. Требало да ви кажат дека и мојот брат работи во Телеком од 1994 година кога веќе правеле анализа кој каде работи од моите блиски роднини, но и дека јас работам во економско училиште во Битола од 2004 година, сега во мирување. А за братучеди колку ми е познато не знам дека некој работи во Лотарија. Но вака кога чита човек, добра удбашка конструкција направиле“, вели претседателот Милевски.

Наспроти ваквиот став на Милевски, неговите сопартијци велат дека членовите на ЛДП и на партиските тела и органи чекаат одговори од него за слабиот резултат на локалните избори, но бараат и одговорност за нелогичните и несериозни лидерски постапки. Сметаат дека Милевски ја држи во заложништво цела партија исклучиво за свои интереси и работи спротивно на основните либерал-демократски приnципи и начела, како и на Статутот на Либерално-демократската партија.

Велат дека Милевски единствено го турка проектот за жичарница во Битола, но само поради тоа што во овој проект имал личен интерес.

„Барањето за изградба на жичарница во Битола, како дел од владината програма во име на ЛДП, е од чисто лични интереси и негова потесна поврзаност со Ски клубот ’Пелистер’, преку неговиот роден брат“, обвинуваат членови на ЛДП.

ЛДП на последните локални избори излезе од централната владејачка коалиција и настапи заедно со партијата ДОМ, но сепак остана во владата и Милевски го задржа министерското столче во Министерството за локална самоуправа, а предложен е и од мандатарот Димитар Ковачевски во новиот состав на Владата предводена од СДСМ.

Нашите извори велат дека Либерално-демократската партија, една од најзначајните политички субјекти во развојот на слободната мисла и демократијата во Македонија, во моментов ги живее најтешките моменти од своето основање и е доведена до непрепознатливост, со урнат рејтинг и очајни резултати.

Би можело да ве интересира

ЛДП: Скопје не смее повеќе да биде во заложништво на волјата на Данела – оставка веднаш

Зајкова: Здружените напади и заканите нема да ме предомислат – ЛДП останува доследна на своите програмски принципи по кои сме препознатливи

Предраг Петровиќ

Зајкова: Со конкретна стратегија до подобри резултати и повеќе влијание во локалната самоуправа

Владината коалиција е стабилна и цврста, дали ЛДП би биле дел од владината коалиција се уште не е разговарано, вели Мицкоски

Левица: Непотизмот и кронизмот беснеат – ДКСК остануваат неми

ЛДП: Пломбирање на Зоолошката градина додека не се реши градскиот хаос

Горан Наумовски