Недоразбирањата и несогласувањата ескалираа по објавените резултати од конкурсот за 9 лекари.
Со писмо и со документи до А1 реагираше Др. Биљана Андоновска. Таа поднесува и жалба за непочитување на ранг листата, непочитување на член 160 и член 161 од Законот на здравствена заштита..
Андоновска е втора на ранг листата со вкупен број на бодови 81,63 (бодови од просек – 34,7, бодови од положен тест за познавање на странски јазик – 19,43, бодови од стручен испит – 27,5).
Прворангираниот кандидат е веќе вработен во Министерството за здравство, фактичката позиција на Др. Биљана Андоновска е прва на ранг листа.
Кандидатката вели дека при реализираното интервју од страна на Комисијата за селекција, добила максимална подршка од членовите на комисијата.
Кандидатката е втора година на приватна специјализација по Општа хирургија, со богато CV, има искуство во секојдневната хируршка практика, 320 самостојно извршени оперативни зафати и околу 600 асистенции на хируршки оперативни зафати, самостојна работа во Ургентниот хируршки центар, самостојна работа во ургентната амбуланта за време на деветмесечниот специјалистички турнус во ЈЗУ Клиника по хируршки болести Св. Наум Охридски-Скопје, бројни самостојни дежурства во Ургентниот хируршки центар и волонтерски дежурства на Клиника по детска хирургија.
Избраните на конкурсот кандидати се пониско рангирани на ранг листата: 3, за која Андоновска посочува дека е внука на скопскиот градоначалник Коце Трајановски,и која има платен волонтерски договор, и не е на приватна специјализација, потоа рангираните под броевите 4, 5, 6, 11, 13, 15, 19 и 21.
Ја побаравме за коментар директорката Др. Јасминка Чабуковска Радуловска, но не се јавуваше на нејзиниот телефон. А1 останува отворен за разговор и став од директорката.
Таа во петокот за Утрински весник, изјави дека Др. Андоновска нема да биде вработена, бидејќи тоа било 4-то вработување од исто семејство. Од семејството велат, дека тоа е ноторна глупост.
„Ако пречи тоа што во Клиниката работи, веќе 27 години, Прим. Др. Добрила Андоновска (која на 17.07.2012 год. има добиено писмо од Министерот за здравство дека спаѓа во првите 20 најдобри доктори во Република Макединија), се поставува прашањето каде да се вработи најдобриот кандидат Др. Биљана Андоновска, чиј друг родител е офталмолог во 8-ми Септември, дали тоа значи дека најдобрите мозоци треба да ги извезуваме вон од границите на Републиката или дека младите доктори-деца на доктори не треба да се вработат, што се коси со основните човекови права и правата загарантирани со Уставот на Република Македонија“, прашува Биљана Андоновска.
Добрила Андоновска прашува, бидејќи за квалитет не може да се дискутира, според оценувањето нејзината ќерка е прва, дали можеби пречи, нејзината опозициска партиска определба.
Андоновска реагира во тужбата дека со ова се негираат заложбите на министерот Никола Тодоров да бидат примени двата прворангирани кандидати.
Нагласува дека мината година на конкурс, директорката, вработила ренген технолог чии два родители работат во клиниката и направи договор на дело на десетици вработени кои во најголем процент се во роднински врски со веќе вработен персонал.