Врховниот суд на Република Северна Македонија ја објави пресудата за предметот КВП-КОК2-6/23 познат во јавноста како „Транспортер“, со која се одбиваат барањата на осудените во случајот „Транспортер“ за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје од 2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје од 2022 година.
– Со пресудата барањата на осудените В.Т. и С.Б. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, се одбиваат како неосновани, а барањето на осудениот Ѓ.Т. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, се отфрла како недозволено, се вели во соопштението од Врховен.
Во врска со наводите за дадените помилувања Врховниот суд констатира дека даденото помилување не произвело правно дејство бидејќи било дадено врз основа на членот 11 од Законот за помилување, која одредба не била дел од правниот поредок, што значи дека осудениот никогаш и не се стекнал со право да биде ослободен од кривичен прогон.
Исто така, Врховниот суд констатира дека постапката пред пониските судови како целина била спроведена во согласност со принципите и гаранциите содржани во членот 6 од Европската конвенција за човековите права.
Со ова, Врховниот суд смета дека пресудата за „Транспортер“ во која е осуден битолскиот градоначалник Владимир Талески е законски изречена, односно, дека аболицијата дадена од поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов, не ги опфаќа осудените.
Обвинетите во „Транспортер“ се гонеа за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра. Предметот беше отворен од страна на Специјалното јавно обвинителство, а го водеше судијката Добрила Кацарска.