Општинската изборна комисија (ОИК) во Македонска Каменица денеска им ги врачи уверенијата на новата градоначалничка на општината Соња Стаменкова и на 11-те советници кои ќе бидат членови на општинскиот Соовет.
Претстедателката на ОИК од М. Каменица, Сања Митревска истакна дека во општината се организирани регуларни избори и до нив немало пристигнати приговори за ниту едно од 17-те избирачки места.
– Од денеска им започнува мандатот на советниците и на градоначалнчката. Ја користам оваа прилика да им го честитам мандатот и им посакува успешнa работа, рече Митревска.
Стаменкова се заблагодари на членовите на ОИК и на избирачките одбори за професионалната работа, но и на граѓаните од М. Каменица кои ѝ ја дадоа довербата да ја води Општината наредните четири години.
– Во нашата предизборна кампања имавме солидна програма произлезена од потребите на граѓаните и во наредниот четиригодишен мандат заедно со Советот и општинската администрација ќе ги исполниме ветувањата, затоа што се реални и произлегуваат од реални потреби на граѓаните. Нашата програма се потпира на три столба и тоа приоритет ќе дадеме на локалниот економски развој, обезбедувањето на чист воздух и вода за пиење и имплементација на енергетската ефикасност. Очекувам плодна и конструктивна соработка со советот, истакна Стаменкова.
Првпат од осамостојувањето на М. Каменица како посебна админиатративна целина мнозинството го има СДСМ и коалицијата. Распоредот на силите во општинскиот Совет се шест советници од СДСМ и коалицијата, а пет од ВМРО ДПМНЕ. Исто така, СДСМ во М. Каменица за прв пат добива и градоначалник од СДСМ, а Стаменкова е и прва жена градоначалник во М. Каменица, но и во Источна Македонија.
Примопредавањето на функцијата меѓу поранешниот градоначалник Дарко Митевски и новата градоначалничка Стаменкова е најавено за во понеделник.