Вработените од „Југохром“ два часа протестираа кај Желино

Од:

Со двочасовна блокада на патарината кај Желино на автопатот Тетово – Скопје, работниците на „Југохром Фероалјос“ го искажаа своето незадоволство од вчерашната одлука на Државниот инспекторат за животна средина со која се продолжува забраната за работа на комбинатот за дополнително 90 денови бидејќи се уште не е поставен системот за отпрашување на фабричките оџаци.

Работниците бараат да се укине одлуката, која според нив, е неоправдана и да се рестартира фабриката. Најавија дека доколку не им се одговори позитивно на барањата, ќе ги радикализираат протестите.

– Протестот денеска го организираме за да влијаеме Владата да донесе позитивна одлука против неоправданото исклучување на печките од работа. Со тоа би се ставило крај на неизвесноста околу егзистенцијата на седумстотини вработени. Доколку тоа не се случи, од утре државата ќе има нови седумстотини невработени, изјави Светлислав Спасовски од Синдикатот на „Југохром“.

Синдикалците велат дека се во постојан контакт со раководството од „Југохром“ и оти им веруваат на нивните најави дека ќе биде поставен системот за отпрашување како услов за повторно работење на комбинатот.

– Се гледа дека се работи на тој систем, дополнително што менаџерот од Југохром кажува дека со банкарска гаранција може да потврдат оти намерите им се да го направат системот за отпрашување, изјави Пеце Ристовски, претседателот на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.

Работниците очекуваат позитивен одговор од институциите откако вчера од управата на фабриката најавија дека веќе нема да ги плаќаат како во изминатите три месеци кога се водеа на принуден одмор и добиваат 70 отсто од платата.

„Југохром“ ги изгасна печките на почетокот од ноември минатата година согласно одлуката на Државниот инспекторат за животна средина бидејќи управата на фабриката не го испочитува двегодишниот рок за поставување на филтри на оџаците. Од управата посочија дека 21 месец чекале да ги добијат потребните дозволи за да отпочнат со негова градба и од јули интензивно работат на поставување на системот за отпрашување. Поради тоа тие побараа продолжување на рокот за 18 месеци.

Би можело да ве интересира

Од Југохром најавуваат дека е можно годинава да се догради системот за отпрашување

Ана Ололовска

Отров од Југохром истекува во Вардар, се чека тендер за поправка на пречистителната станица

Жарко Настоски

Заев: Југохром нема да биде ставен во употреба без доизградба на филтрите

Татјана Ташкова

Југохром не може да работи без филтри

Татјана Ташкова

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ не мислеше на работниците од Југохром и ги остави без работа

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Арсовски: Година ипол СДСМ, Заев и Анѓушев лажат 1.200 работници на „Југохром“

Ана Ололовска