Возрасни мажи го тепале детето во Кочани, мавајќи го од глава до пети, адвокатот вели дека има модрици по телото

Од:

„Го клоцале, го мавале со шамари, го удирале по раката која му е повредена. Секаде го удирале, по глава, лице, по колкот, доле кога паднал го клоцале секаде по телото“. Вака адвокатот Амет Срџан, кој го застапува малолетното дете кое пред неколку дена беше претепано во Кочани, го опишува насилството кое било извршено од возрасни лица. Тој очекува, дека сите инволвирани лица ќе бидат обвинети за тешки кривични дела, бидејќи освен што го малтретирале, тепањето го снимале и го објавиле на социјалните мрежи. Претепаното дете потекнува од дисфункционално семејство и тоа живее во згрижувачко семејство во Скопје.

„Со детето имаше распит во полиција, со присуство на Центарот за социјална работа и јас, каде е земена изјава што точно се случи во Кочани, кои беа луѓето, дали може да ги препознае и така натаму. Изјавата е земена во својство на оштетен, не во својство на обид за кражба, како што се пласираат информации. Се чека да се заврши таа постапка, бидејќи овие информации кои се добиени од оштетениот односно детето, се пренесени во СВР Штип и Кочани, а тие постапуваат по нивни процедури, за да се утврди фактичката состојба. Направено е големо кривично дело, за среќа полицијата се постави како што треба и до тука си ја заврши својата работа како што треба. Тројца се приведени, 20 се испитани, така што тоа не значи дека ќе остане само на тројца. Се собираат доказни материјали. Детето може да ги препознае сторителите, според него. Тоа ќе ја менува работата во однос на бројот на обвинети. Велам обвинети, бидејќи јас сум адвокат во постапката. Очекувам луѓето кои ќе бидат обвинети врз основа на факти, аргументи и докази дека ќе сносат големо кривично дело, односно кривично дело против дете со поткатегории како физичко и психичко насилство, снимање и откривање на идентитетот на детето преку социјални мрежи. Тоа е потешко кривично дело. Ќе почекам да заврши целата предистражна постапка на МВР, па потоа, како застапник на оштетениот ќе пристапам кон модифицирање ако има потреба. Ќе видиме која ќе биде кривичната пријава, па ќе пристапиме соодветно“, вели адвокатот Амет Срџан.

До крајот на утрешниот ден, ќе му биде направен и проверка на психичката состојба на детето. Засега, познато е дека тоа имало видливи повреди по телото, од ударите со кои се здобило.

„Детето е во добра здравствена состојба, но има видливи модринки по телото. Внатрешни крварења нема, но, видливи повреди има со прегледот направен во Градската болница. До утре ќе се направи и преглед од страна на психолог, за да се утврди неговата психичка состојба, по тој напад. Тој сега е кај своето згрижувачко семејство, стабилен е, добар е. Издржливо детенеце, иако е мало. Сега, треба да видиме какви последици на психата оставило тоа. Луѓето кои се осомничени односно обвинети се од 20 години нагоре. Верувам дека ќе бидат и поголем број на обвинети, но ќе видиме. Тоа се возрасни луѓе кои го правеле тоа, ама кај го правеле па и го снимале тоа“, додава бранителот Срџан за „А1он“.

Засега, никој не знае како детето од Скопје каде е сместено во згрижувачко семејство, успеало да стигне до Кочани, кај неговата биолошка мајка, браќа и сестри.

„Семејство од Скопје е згрижувачко семејство. Јас се видов со згрижувачот односно неговиот татко како згрижувач, но не зборував многу со луѓето бидејќи не ми се сеуште во поглед на работа. Јас сега јас имам работа со Центарот за социјална работа. Згрижувачот, она што се добиени информации од распитот, не знаел дека детето е со неговата биолошка мајка во Кочани. Тој истиот ден, кога според него исчезнало детето, го пријавил во полиција и за тоа си има уредна пријава дека детето избегало од дома. Згрижувачкото семејство има пријава за исчезнато дете, дека од дома е исчезнато. Тука, тие така се покриле, тоа е фактичката состојба и јас тоа го прашав. Истото го добив и како одговор од полицијата. Како детето се нашло со неговата биолошка мајка во Кочани и што правеле, не знам. Родителското право, според информациите од Центарот за социјални работи, биолошкото семејство го изгубило откако тој пораснал. Тој си ги знае и браќата и сестрите и биолошките родители“, вели адвокатот.

Инаку, полицијата извести дека претепувањето на детето се случило во неделата. На социјалните мрежи беше објавено и видео на кое се гледа неговото лице и се слуша неговиот глас. Најавена е и кривична пријава.

Би можело да ве интересира

Момче од Кочани било измамено за 950 евра

Уште се чека за пасош со месеци, постапката забрзана ама само за оние што имаат да платат 100 евра

МВР: Скопјанка нападнала новинар, но и полициски службеник

Тошковски: Управниот суд донесе пресуди со кои поништи три незаконски одлуки на Владата

Орце Костов

Убиениот лекар бил матичен од Железара – се прегледува видеонадзорот за да се најде убиецот

Анита Петровска Рајковиќ

Приведена тетовка барана со потерница