ЈП „Водовод и канализација“ исклучи диви приклучоци на водоводната мрежа во Глумово, Сарај и Шишево и против сите покрена прекршочни пријави, соопшти претпријатието.
Акциите за исклучување на водата кај дивоприклучените од „Водовод“ велат дека се со цел да се заштити системот за водоснабдување како и за заштита на граѓаните кои редовно плаќаат сметки.
„Дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за водоснадбување, член 23) и се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за водоснадбување, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело“, велат од скопски „Водовод“.
ЈП Водовод и канализација – Скопје, потсетува дека со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје. Претпријатието исто така апелира и ги повикува граѓаните на одговорно однесување, отстранување на дивите приклучоци и регуларно поднесување на барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба.