Скопјани во март ќе добијат повисоки сметки за вода. Еден кубен метар вода поскапува за 2,04 денари. По многуте реакции во јавноста, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, денеска објасни дека сметките не се зголемуваат поради поскапување на водата туку поради трошок за третирање отпадни води кој се додава на сметката за вода.
„Сакам да разјасниме дека ниту Град Скопје, ниту ЈП ‘Водовод и канализација’ не побарале зголемување на цената. Цената на водата ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Досега имаше два чинители на цената на водата, едниот беше тарифата за снабдување со вода, а другата точка по која се формира цената е тарифа за собирање и одведување на отпадните води. Согласно со европската регулатива, на Град Скопје му е додадена и трета точка која влијае на формирањето на цената, а тоа е тарифа за прочистување на отпадните води од две прочистителни станици, едната на реката Лепенец и другата на Вардар. Ние се одлучивме за најниската понудена цена од Регулаторна комисија, а тоа е сметката да се зголеми за 2,04 денари за кубен метар“, рече градоначалникот Шилегов.
Тој пресметал дека за потрошени 15 кубни метри вода, колку што во просек троши едно четиричлено семество, сметката на скопјани од досегашните 500 денари ќе се зголеми на 522 денари. Тоа, според Шилегов, е најниската понудена цена од Регулаторна комисија оти другите цени биле 578 и 637 денари за 15 кубни метри вода.
Градоначалникот вели дека реално цената на водата се намалува оти од сегашните 29,39 денари за кубен метар, таа ќе изнесува 28,67 денари, но на нив треба да се додаде трошокот за прочистување на отпадните води поради кој сметката станува поголема.
Во новата цена е влезен трошокот што ќе го прават две пречистителни станици на реките Лепенец и Вардар.
Советот на Град Скопје ќе гласа за повисоките сметки за вода в среда.