Судот по три години судење, ќе изрече пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, поврзан со масовното нелегално прислушкување од 2008 до 2015 година. Обвинети во процесот се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков поради прислушувањето и уништувањето на системите, ексминистерката Гордана Јанкулоска за уништувањето на системите, началникот на петтата управа, Горан Грујевски кој учествувал во прислушувањето и службеници во УБК. За уништувањето на опремата за да се прикрие дека УБК прислушувало му се суди и на Тони Јакимовски, шеф во кабинетот на Мијалков во УБК.
Предметот „Таргет-Тврдина“ се судеше три години. Обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов докажаа пред судот дека по наредба на Мијалков како организатор на група се вршело нелегално прислушување без судски налог со системите во УБК. Тој и Грујевски ја имале контролата на сите прислушувани телефони и лично од своите компјутери и сами ги слушале разговорите. Обработка на поедини задачи вршела и Надица Николиќ, како и останатите вработени во УБК.
Ексминистерката Јанкулоска беше обвинета дека по наредба на Мијалков, а заедно со Тони Јакимовски, преку формирана комисија дале наредба да се уништат системите за следење на комуникациите на МВР. Со цел да се спречи докажувањето на нелегалното прислушување, системите ги уништиле сега обвинетите Грујевски и Бошкоски. На овој начин, ја оштетиле државата за 10 милиони евра.
Претходно, адвокатот Миле Петровски кажа дека Сашо Мијалков не ги следел комуникациите, ниту преслушувал разговори од неговата канцеларија во УБК. Беше побарано и ослободување на Мијалков од обвинението, бидејќи не сторил ништо од работите за кои го обвинуваа обвинителите.
Јанкулоска, пак, кажа дека нејзината совест е чиста. Таа посочи дека е жртва на овој, како што го нарече, монструозен процес.
Јанкулоска во завршните зборови побара ослободителна пресуда.
И службеничката Николиќ докажуваше дека не е виновна, барајќи да биде ослободена. Адвокатот на избеганиот Грујевски, во завршните зборови посочи дека нема да се изјасни за евентуална вина кај неговиот клиент, посочувајќи дека не треба да му се суди затоа што Грујевски не е во судницата и е во бегство.
Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Над 130 физички и правни лица имаат поднесено и барање за оштета во предметот „Таргет-Тврдина“. Меѓу нив се ексфункционери, политичари, новинари, бизнисмени. Но, како оштетени, иако бараа, не се ставени ексминистерот Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.
Јанакиески беше во 90 отсто од нелегално слушаните разговори, односно СЈО за него имаше над 80.000 снимки во кои разговара со различни луѓе. Голем број разговори има и ексминистерката Јанкулоска, која е осудена во истиот предмет.