Буџетот на Агенцијата за вработување е оштетен за еден милион денари за примање плата на четири вработени кои не доаѓале на работа, информираше в.д. директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска.
-Првото лице е вработен во Централната служба на АВРМ, на работно место Раководител на одделение за обуки и развој на човечки ресурси.На ова работно место лицето е превземено од Центарот за вработување Пробиштип на ден 5 ноември 2015 година, но истото се до крајот на јуни оваа година не доаѓало на работа, а примало плата.
Второто лице било вработено во Центарот за вработување на град Скопје од 01.02.2016 година до 20.07.2016 година, а од 21.07.2016 година било превземено во Централната служба на АВРМ се до 25.09.2016 година кога и му престанува работниот однос заради вработување во АД ЕЛЕМ. И ова лице воопшто не доаѓало на работа во горенаведениот период, а редовно земало плата.
Останатите две лица се вработени на определено време од 18 октомври 2016 година во Центарот за вработување на град Скопје, но и тие не доаѓале на работа, а редовно примале плата, и прв пат се евидентирале на работно место во септември оваа година, рече Јовановска.
Таа кажа дека во тек се законски постапки за утврдување на вина и одговорност, како за лицата кои биле вработени и земале плата, а не доаѓале на работа, така и за нивните раководни лица и тоа Раководителката на центарот за вработување Скопје, Раководителот на одделението за обуки и развој на човечки ресурси, кое впрочем и самото не доаѓало на работа, Раководителот на секторот за обуки и развој на човечки ресурси, како и поранешниот директор на АВРМ.
-Во согласност со позитивните законски прописи од овие лица ќе биде побарано да ја надоместат и материјалната штета настаната поради ваквото незаконито постапување и однесување од нивна страна. Благовремено пред надлежното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, рече Јовановска.