Огромната пропаганда на власта против мене и моите соработници се сведува на предмет со кој сакаат да ме затворат во предвечерието на референдумот во предмет во кој сум влијаел да се набави службено блиндирано возило за МВР во кој сум сакал да се возам. Да не беше трагично ќе беше смешно, рече Никола Груевски на прес-конференција во Собранието.
Тој рече дека имал сериозни созанија околу случувањата во Апелациониот суд а во врска со „Тенк“. „Имам сигурни сознанија дека на 30 август откако се одложи седницата заради мое присуство и присуство на адвокатите на друго судење в.д. претседателот на Апелациониот суд очигледно откако врз неа било направено политичко влијание ги повикала сите судии од судскиот совет во „Тенк“ со директно барање седницата наредниот ден по секоја цена да биде одржана и да донесат осудителна одлука и да ме прогласат за виновен со цел да бидат затворен што е можно најбрзо“, рече Груевски.
Тој вели дека има сознанија дека имало предлог казната да се намали под една година за да нема право на жалба и дека планот бил утредента на 31 август да започне и заврши седницата, а веќе следниот петок да се објави пресудата.
„Било укажано дека за истото судијката има добиено иснтрукции од многу повисока инстанца и барала од секој судија поединечно да ѝ потврди дека ќе гласа согласно сугестијата, а ако не може да прифати да се повлече и да отстапи на друг кој ќе гласа според политичкото влијание“, рече Груевски и додаде дека ова е дно на сите дна во кое е доведено македонското судство.
Тој продолжи дека повеќето од судиите првично се спротиставиле укажувајќи дека првостепената одлука е незаконска и дека има огромни пропусти, но сепак повеќето подлегнале на притисокот освен една личност која била заменета. Таа замена, додаде Груевски, согласно сознанијата не била извршена според АКМИС системот.
„Стравувајќи за својата позиција во моментот судиите иако потврдиле дека ќе го поддржат барањето очигледно барале начин информацијата да излезе од тесниот круг. Напоменувам дека не се работи за судии кои не ја познаваат својата работа, напротив се работи за искусни судии, но под огромен политички притисок“, рече Груевски.
Тој потсети дека во петокот му бил закажан термин на седница кога сите негови адвокати присуствувале на друго рочиште за настаните од 27 април каде судијка е Добрила Кацарска.
„Намерата беше да останам сам, да може полесно да се протурка седницата. Уште поинтересно е дека за продолжението за седницата за утре пола мои адвокати се повикани на друго рочиште каде судијка е Кацарска“, рече Груевски.
Потсети дека од огромната пропаганда на власта која говорела за наводни докази против него, сè се свело на обвинение за набавка на возилото.
Тој истакна дека одлучил утре ниту тој ниту адвокатите да не се појават на јавната седница во Апелациониот суд. „Ете им можност на судиите па и без мене нека донесат каква пресуда прифатиле како обврска да ја донесат. Мене не ме суди судот туку политиката“, рече Груевски.
Галена Николовска-Ризвановиќ