Со албанскиот претседател, Илир Мета имавме искрен, отворен, конструктивен разговор за прашања кои треба да ги разговараат двете земји. Укажавме на реалноста која ја имаме во регионот и потребата земјите од регионот да соработуваат бидејќи имаат заедничка цел и заедничка иднина, рече Претседателот Ѓорге Иванов по средбата со Претседателот на Албанија, Илир Мета.
-Од аспект на иднината ги согледавме односите помеѓу нашите земји о и она што ги очекува. Во однос на влезот во НАТО почнавме заедно, но сега Албанија е членка на НАТО, а ние чекаме да бидеме поканети. Очекуваме Албанија да ја повлече и да и помогне на Македонија да стане членка на НАТО, рече Иванов додадвајќи дека во однос на ЕУ сето она што Македонија го има направено, како искуство и стои на располаѓање на Албанија на нејзиниот пат кон ЕУ интеграциите.
Македонскиот претседател истакна дека во однос на зближување на двата народи и бизнис заедниците, неопходна е помош во инфраструктурната поврзаност меѓу Македонија и Албанија затоа што трговската размена на две такви блиски земји се уште не задоволува.
-Оправудвање за лошата соработка од страна на бизнис заедницата е инфраструктурата која не постои меѓу земјите посебно железницата која не постои и непристапноста до пристаништето во Драч. Разговаравме како да се најдат решение за да го поттикнеме растот на трговската размена меѓу нашите земји, рече Иванов.
На средбата се разговарало и за состојбите во регионот, се што поминале овие две земји и се што ги очекува. Отворени биле и прашањата за ЕУ и глобализацијата.
-Она што најмногу не поврзува се Македонците во Албанија и Албанците во Македонија, рече Иванов по што изрази задоволство од грижата на претседателот Мета за Македонците во Албанија.
На новинарското прашање дали Иванов ќе го потпише декретот за Законот за јазици, тој одговори дека досега собрал голем број експертски мислења од целата стручна јавност и кога законот ќе стигне кај него ќе се произнесе во согласност со Уставот на Република Македонија.
Виктор Јованов