Три месеци по положувањето на приправничкиот испит, над 600 полициски приправници сè уште вршат приправнички работи, а од МВР и натаму не се донесени решенија за нивно вработување.
„Бараме од министерот веднаш да донесе решенија за оваа категорија вработени и да најде начин да ги обесштети по основ разлика на плати и придонеси во периодот од положувањето на приправничкиот испит до донесувањето решение за вработување на неопределено време“, рекоа од Независниот синдикат на полицијата на прес-конференција.
Велат дека на секој приправник му се нанесува штета по 10.000-15.000 илјади денари месечно.
„Законски одредениот период за вршење приправнички стаж од 6 месеци, кој е пропишан со Законот за внатрешните работи и Колективниот договор на МВР, станува пракса да не се почитува и колегите да вршат приправнички стаж и по 14 месеци пред да добијат решенија“, велат тие.
Освен решенијата, оваа категорија вработени се оставени од самиот почеток без никаква полициска униформа и се принудени сами да се снаоѓаат, купуваат и шијат. Во јануари испратија писмо до министерот, но досега нема повратен одговор.
Васко Маглешов