Итно да се смени правилникот за извршување инспекциски надзор, да се донесат правилници за индустриски емисии и да се ракине договорот со италијанската фирма концесионер, се барањата на активистите од Движењето за чист воздух, кои денеска напладне петнаесетина минути го блокираа влезот пред депонијата „Дрисла“. Рокот за исполнување на нивните барања е 15 дена, а доколку тие не бидат исполнети, активистите велат дека ќе го блокираат и Град Скопје и ќе поднесат тужба.
Активистите сметаат дека депонијата „Дрисла“ е најсериозниот причинител за константното загадување на воздухот во Скопје, а постојат и лавина сомнежи што укажуваат дека третманот и раководењето на отпадот се врши на несоодветен начин. Исто така, тие се сомневаат дека во Македонија се увезува медицински отпад што се согорува на „Дрисла“. Според нив, депонијата нема капацитет да се справи со отпадот кај нас и дека печката е двојно оптоварена и не ги филтрира штетните материи.
„Ние сме единствената земја каде што не се мери количеството загадување со диоксин и оттаму нашите сомнежи дека во координиран коруптивен синџир, без соодветен инспекциски надзор, во Македонија завршува отпад од други земји. Ние поставуваме прашања и бараме одговори за нашите сомнежи: што се гори во ‘Дрисла’, што се складира, дали се увезува отпад, дали печката има соодветни филтри? Бараме итни одговори од надлежните и денешната блокада е само предупредувачка, а нашите активности нема да запрат“, вели активистот Тони Никушевски.
Активистите од здружението „Екогерила“, кои му се приклучија на Движењето за чист воздух, ги повикаа премиерот Зоран Заев и Владата итно да го сменат законот за увоз на отпад.
„Забраната за увоз на отпад значително ќе го намали нивото на загадување, особено во Скопје. Сериозни сомневања за согорување медицински отпад во ‘Дрисла’, без соодветни стандарди, е една од причините за загадувањето на воздухот. Како и во минатото, и сега постои лавиринт на транспарентност за тоа каков отпад навистина се увезува од странство и се согорува во Македонија.
Иако во Скопје беа преземени мерки за намалување на загадувањето, тоа не се намали. Сите други мерки за спречување на загадувањето ќе бидат козметички доколку не се забрани увозот на овој отпад. Македонија нема капацитет да се справува со сопствената количина отпад, така што и увозот на отпад од некои држави на ЕУ остава сомнежи за корумпираните врски и можните импликации на интересите на мафијата“, посочија од „Екогерила“.
Барање беше упатено и до Јавното обвинителство да ја испита оваа активност, без влијание на бизнис-интересите и политиката.
Ана Василевска