Во земјава 140 лица чекаат за трансплантација на бубрези, околу 15 за срце и околу 14 за црн дроб

Од:

За трансплантација на бубрези чекаат 140 пациенти во земјава, околу 15 за трансплантација на срце и околу 14 за црн дроб. Надлежните велат медицински персонал има, но, потребно е да се едуцираат уште екипи, а треба да се работи и на зголемување на свеста за органодарителство, иако на овој план е направен напредок во изминатиот период.

Процесот на трансплантација од починат донор во Северна Македонија започна во 2015 година, по донесените законски измени што ја дефинираат оваа материја. Најголем напредок е направен во 2020 година со започнување на мултиорганската трансплантација, или трансплантација на повеќе органи од еден донор. Таа година е направена и првата трансплантација на срце, следната се направени првите трансплантации од коскени ткива, а минатата, 2022 година, за првпат е направена трансплантација на црн дроб. За период од три години, 19 семејства дале согласност за донирање и трансплантирани се 67 органи и тоа 34 бубрези, три црни дроба, девет срца и 20 коскени ткива.

Националната координаторка за трансплантација Маја Мојсова-Мијовска е задоволна од напредокот што е постигнат, но, статистички гледано, во споредба со европските земји, кога станува збор за органодарителството, нашата држава е сѐ уште на ниско ниво.

– Ако се споредуваме со Европа, сѐ уште сме на ниско ниво. Ние имаме само едно бебе кое го родивме, го проодивме, значи сѐ уште не е независно. Нас ни треба систем и генерално проектот што во суштина сега ќе го работиме заедно со Европска Унија, е на ниво на едукација, кампања особено за здравствениот персонал, бидејќи навистина е мал бројот на здравствниот персонал што работи на оваа проблематика. Би сакале да го прошириме и сметаме дека тоа ќе ни биде од голема помош за да направиме еден солиден систем, една здрава база на системот, којшто потоа би работел со некаква динамика, вели Мојсова – Мијовска во изјава за МИА.

Според неа, можеби граѓаните се информирани, но, таа верува дека има уште многу непознати работи за нив.

– Тие работи треба да ги дообјасниме како стручни лица и да зборуваме отворено за оваа работа. Верувам дека ние лекарите, најмногу можеме да го доближеме до граѓаните, не само медицинскиот, туку и емотивниот дел. Се надевам на успешни наредни години, во кои ќе се градиме и ние, ќе изградиме нешто повеќе, вели Мојсова – Мијовска, додавајќи дека свеста за органодарителството во земјава се зголемува.

Заменик националниот координатор за трансплантација Билјана Андоновска вели дека проблем е недостигот на органи.

– Во 2022 година, 39.000 трансплантации се одработени на европско ниво, меѓутоа 48.000 се нови пациенти запишани на листите за чекање на орган. Ние со секоја нова трансплантација, учиме и повторуваме за човечките вредности – достоинство, желба да се помогне, човекољубие. Кампањата на Европската Унија за 2023 година гласи „Вашата сегашност е нивна иднина“. Донорите никогаш нема да бидат заборавени, нивните срца, само ќе бидат дел и ќе чукаат во друг организам, вели Андоновска.

Здравството на една држава се оценува според трансплантацијата

Трансплантацијата е многу важна, согласно на што се оценува здравството на една држава. Ова, меѓу другото, беше кажано на презентацијата на проектот „Поддршка на системот на трансплантација“, финансиран од Европската Унија, што стартуваше месецов.

Дека навистина сево ова ја враќа довербата во медицината, потврдуваат и пациентите со трансплантирани органи.

– Среќен сум што имам ново срце, што почнав нов живот. Да не постоеше донирање, немаше да бидам толку среќен и немаше да ми биде толку убаво. Многу е тешко да се чека што било, а замислете колку е тешко да се чека да се добие срце. Јас дочекав, имав таква среќа. Се заблагодарувам на фамилијата на човекот од кого добив срце, во контакт сум со неговите блиски. Најчовечки се прифативме, открива Дарко Голубовски.

Како што му било кажано, неговиот донор уште додека бил жив, изразил желба дека ако му се случи нешто, неговите органи да бидат донирани, за да спасат нечиј живот.

– Навистина, тој го спаси мојот живот. Што да кажам, уште кога ми се јавија и ми кажаа дека има донор, бев многу среќен. Моето срце го изгубив, ми останува, ова срце да го чувам. Денот кога добив ново срце, е мој нов роденден, нов живот, веели Голубовски, посакувајќи им на сите да добијат нова шанса.

Би можело да ве интересира

Почина жената на која и беше трансплантиран бубрег од свиња

Изведена мултиорганска трансплантација на органи – пациенти добија срце, црн дроб, бубрези

Катерина Ѓуровски

Направена уште една трансплантација на срце и бубрези од починат донор

ВИДЕО: Изведена првата потполна трансплантација на човечко око

Одбележан Денот на органодарителството, за три години 67 лица добиле шанса за нов живот

МЗ: Еден донор спаси четири животи