Граѓаните на Северна Македонија на предвремените парламентарни избори ќе можат да гласаат за кандидатските листи на 15 коалиции и партии со вкупно 1.578 кандидати, од кои 903 се мажи, а 675 жени. Според статистичките податоци на ДИК, по возраст најмногу или 795 се меѓу 30 и 49 години.
Изборот се прави со заокружување на редниот број пред кадидатските листи на гласачкото ливче, чиј редослед беше утврден со ждрепка.
Партиите на гласачкото ливче ќе ги носат следните редни броеви:
1 – Демократска партија на Албанците – ДПА
2 – Политичка партија Демократи
3 – СДСМ и Коалицијата Можеме
4 – Левица
5 – Алијанса за Албанците и Алтернатива
6 – Глас за Македонија
7 – Граѓанско демократска унија – ГДУ
8 – Интегра
9 – Демократската унија за интеграција – ДУИ
10 – Социјалдемократска унија – СДУ
11 – Никогаш Северна, само Македонија – Единствена Македонија
12 – МОРО работничка партија
13 – Народна партија на Ромите
14 – ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција за Обнова на Македонија
15 – Твоја партија
Со свои кандидатски листи во сите шест изборни единици ќе учествуваат ДУИ, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, политичката партија Интегра, „Никогаш северна, секогаш Македонија“, Демократи, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија.
СДУ, ГДУ и Глас за Македонија нема да учествуваат во „шестката“, односно поднесоа листи само за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5. „Твоја партија“ доставила кандидатски листи за изборите единици 1, 2 и 5, а Народна партија на Ромите само во втората изборна единица. ДПА има кандидатски листи во пет изборни единици.
Носител на листата на СДСМ и коалицијата во првата изборна единица е актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров, техничкиот премиер Оливер Спасовски е во втората, партискиот генерален секретар Љупчо Николовски во третата, во изборната единица четири носител ќе биде лидерот на СДСМ Зоран Заев, петката ќе ја предводи вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, а носител во шестата изборна единица ќе биде лидерот на Беса Билал Касами. Карактеристично за овие листи е тоа што е запазено правилото половина од кандидатите да бидат жени. СДСМ за овие избори направи коалиција со Беса, која на кандидатските листи има 14 члена на партијата.
Носители на листите на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица еден е професорката Гордана Силјановска, во двојката Владо Мисајловски, во тројката Игор Јанушев, во четвртата изборна единица Александар Николоски, во петата изборна единица оперскиот пејач Игор Дурловски и во шестата Дафина Стојановска.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети е носител на кандидатската листа на партијата во шестата изборна единица, Талат Џафери во петтата изборна единица, во тројката носител ќе биде поранешниот министер за економија Беким Незири, во втората изборна единица министерот за образование Арбр Адеми и во првата изборна единица носител е партискиот потпретседател Изет Меџити.
Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села е носител на кандидатската листа на коалицијата со Алтернатива во шестата изборна единица, додека Африм Гаши од Алтернатива во втората изборна единица. Во првата изборна единица носител е Скендар Реџепи, во третата Беким Татеши, во чевртата Валбона Река, а во петата Сурија Рашити.
Носител на листата со кандидати за пратеници на ДПА во шестата изборна единица е лидерот на партијата Мендух Тачи. Во првата изборна единица носител е Ниметула Демири, а во втората Орхан Ибрахими. Прв од кандидатите во третата изборна единица е Сами Рушити, додека во четвртата изборна единица ДПА нема да има кандидати. Во петтата изборна единица носител на кандидатската листа е Васви Доко.
Носители на листата на Политичка партија Демократи се во ИЕ 1 – Катерина Тодоровска, ИЕ 2 – Христина Гаши, ИЕ – 3 Жарко Кучишки, ИЕ 4 – Никола Бујуклиев, ИЕ 5 – Јорго Огненовски и ИЕ 6 – Изет Зејделовиќ.
На Левица носители во ИЕ 1 е Димитар Апасиев, во втората изборна единица е Реџеп Исмаил, во третата изборна единица Борислав Крмов, во четворката Бранко Ристов, во петката – Јована Мојсовска и во Шестата изборна единица Сенада Ибраимова.
Носител на кандидатската листа на Глас за Македонија во првата изборна единица е Солза Грчева, во втората Адријана Богдановска Тоскиќ, во третата е Лидија Горачинова Илиева, во четвртата Гоце Златев и во петата Наташа Котлар Трајкова.
Носители на листи на Граѓанско-демократска унија се во Првата изборна единица е Ана Глигорова, во двојката Есед Јусуфовски, во третата, Петар Колев, во четворката Добре Митрев и во петата Даниел Јордановски.
На партијата Интегра – Македонска конзервативна партија носители се: во ИЕ 1 – Љупчо Ристовски, во ИЕ 2 – Александар Главинов, ИЕ 3 – Сузана Чесмаџиска, ИЕ 4 – Воислав Зафировски, ИЕ 5 – Николче Талевски и ИЕ 6 – Виолета Србиновска.
Носител на СДУ во Првата изборна единица е Петар Богојески, во втората Снежана Костадиноска Милошеска, во третата Војо Беловски, во четвртата Жарко Бошкоски и во петата Стево Насковски.
На Единствена Македонија – носители се во ИЕ 1 – Биљана Чинго, ИЕ 2 – Јове Кекеновски, ИЕ 3 – Вангел Симев, ИЕ – 4 Јанко Бачев, ИЕ – 5 Ацо Николовски и ИЕ 6 – Љупчо Столевски.
Носители на листи на МОРО – работничка партија во изборна единица 1 – Атанас Трајковски, во втората Горан Зафировски, во третата Светлана Здравковска, во четвртата – Киро Јовчевски, во петата Жарко Гроздановски и во шестата Иван Јанкуловски.
Народна партија на Ромите има листа во втората изборна единица, а носител е Ѓеѓе Демировски.
Носител на на кандидатската листа во Првата изборна единица на Твоја партија е Мирјана Најческа, во втората Ѓорѓе Марјановиќ и во петата Илија Тодоровски.